ЕДРи, како дел од широката коалиција на Европски групи кои ги застапуваат потрошувачите, авторите, библиотеките, граѓанското општество и технолошките компании, ја објави Декларацијата Авторски права за креативност, декларација со која се апелира за донесување на европски закон за авторските права кој навистина би бил приспособен на интернет добата.
Декларацијата „Авторски права за креативност“ повикува на режим на авторски права со кој ќе се поддржува дигиталната креативност, иновациите, образованието и пристапот до културни дела – а со тоа и европската конкурентност во дигиталниот свет.
Авторските права се засноваат на заштитата на креативните дела, како и на исклучоците од таа заштита, кои им овозможуваат на бизнисите и авторите да прават иновации, креативно да ги употребуваат содржините, и да креираат дела врз основа на работата на другите. На пример, со авторските права се заштитуваат правата на романсиерот врз неговиот роман, а со исклучокот за креирање пародија ќе му се овозможи на друг писател да создаде ново дело – пародија базирана на оригиналот. Додека авторските права го штитат јавното истражување на академикот, исклучоците им овозможуваат на другите да цитираат или да копираат делови од тие истражувања. Така се остварува рамнотежа помеѓу потребата за заштита на правата на авторот, и јавните придобивки што можат да се остварат преку повторната употреба и креирањето на изведени дела од делото.
Овие исклучоци се клучни за овозможување на легитимна повторна употреба и иновација, а активноста на одреден број социјално и економски важни засегнати страни зависи од нив. Додека јавната дебата и политичката агенда за авторските права се фокусира главно на мерките за заштита на сопствеништвото врз креативните дела, Декларацијата Авторски права за креативност поставува позитивна агенда преку идентификување на неколку цели коишто треба да се постигнат доколку авторските права треба целосно да поттикнуваат дигитална конкурентност, креативност и иновации.
Една од препораките на Декларацијата е европскиот закон за авторски права да делува како поттикнувач на иновацијата, образованието и истражувањето, да го олесни дигиталното зачувување и архивирање, и да ги хармонизира исклучоците низ ЕУ. Исто така, во прилог на декларацијата се јасни примери за недостатоците на постојниот режим за авторски права; со овие примери се илустрира примената на исклучоци од авторски права во секојдневниот живот и нивната корист за сите.
Денешната декларација е само почеток, бидејќи коалицијата очекува да се приклучат многу повеќе потписници. Со оглед на тоа дека членовите на Европскиот парламент веќе ја поддржуваат декларацијата, коалицијата исто така очекува Декларацијата да послужи како основа за навистина потребната дебата за авторски права и дека добро ќе им служи на интересите на креаторите, иноваторите и корисниците.
Декларација „Авторски права за креативност“
Извор: ЕДРИ-грам „EDRi and partners launch Copyright for Creativity declaration“ 8.9, 5 мај 2010.



