Комитетот за индустрија (ITRE) на Европскиот парламент усвои катастрофално лошо подготвено Мислење за заштита на податоците, соопшти денес ЕДРИ (Европски дигитални права).

Со усвоениот текст всушност би се уништиле децении законодавство за приватност во Европа и би се поткопала довербата – што е штетно и за граѓаните и за компаниите.

„Од ова може да се извлече и нешто позитивно“ изјави Џо Мекнејми, извршен директор на ЕДРИ. „Мнозинството не беше огромно, а бројот на лоши измени и дополнувања се намали во текот на изминатите неколку дена, со цел да се издејствува мнозинство. Станува сè потешко да се добие мнозинство во Парламентот за мерки кои се деструктивни за правата на граѓаните“.

Пример за бизарните усвоени предлози беше тоа што трети страни треба да можат самите да си дадат право да обработуваат податоци за цели кои не се во согласност со првичната намена на прибирањето податоци. Со ова всушност им се одзема сета моќ на граѓаните да ги контролираат сопствените податоци. Оваа измена, сама по себе би ги направила сите законски мерки речиси безначајни.

Шокантно е што ова гласање се случи и покрај бројните анкети на јавното мислење кои покажаа висок степен на недоверба во однос на начинот на кој индустријата ракува со личните податоци, како и начинот на кој ги користи. Наместо да гласа за на Европа да и се обезбеди јасна и сеопфатна правна рамка за надминување на овој проблем, Комитетот гласаше за конфузно, контрадикторно ублажување на предлогот.

Врски:

Кампања за приватност: privacycampaign.eu
Сè што треба да знаете за Регулативата за заштита на податоците: Protectmydata.eu