Европската комисија и Бразилската влада ја зајакнаа соработката за истражување и развој во областа на информатичко-комуникациските технологии (ИКТ).

Координираниот повик за предлог проекти од 10 милиони евра ќе им овозможи на истражувачите и индустриите во ЕУ и Бразил да ги споделат нивните искуства од истражувањето и развојот во клучните технолошки области како што се експерименталните објекти за иднината и безбедноста на интернетот, микроелектрониката и микросистемите, мрежниот надзор и контрола, и е-инфраструктурите. ЕУ и Бразил придонесуваат со по 5 милиони евра, кои ќе бидат искористени за финансирање на 5 пара меѓусебно поврзани проекти. Рокот за поднесување на предлог проектите е 18 јануари, 2011г.

Нели Крос, Заменик-претседателот одговорен за Дигиталната агенда на Европската комисија изјави: „Новите предизвици со кои денес се соочуваат нашите општества и економии треба да се решаваат на глобално ниво. Работејќи заедно, тимовите од Европа и Бразил ќе развијат интероперабилни технологии, решенија и стандарди кои ќе имаат значително влијание врз нашиот живот и животната средина и ќе го зголемат растот во двата региони“.

Бразилските истражувачи повеќе од 10 години успешно учествуваа во Рамковните програми на ЕУ за истражување и добија повеќе од 7 милиони евра. Во Седмата рамковна програма за истражување (2007-2013), 35 бразилски организации веќе станаа партнери во проектите финансирани во рамките на програмите на ЕУ за Истражување и развој на ИКТ и e-инфраструктури. Ова претставува повеќе од една четвртина од сите учесници од Латинска Америка во програмите за истражување на ЕУ и се очекува да расте во иднина, благодарение на новите можности за финансирање за поддршка на соработката со трети земји.

Овој повик, презентиран на настанот ИКТ 2010 „Дигитално управувано“ во Брисел, се базира на постојните успеси во соработката меѓу ЕУ и Латинска Америка, како на пример проектот ALICE финансиран од страна на ЕУ од 2003 година. ALICE помогна за воспоставувањето на RedCLARA, првата регионална мрежа во Латинска Америка за истражување и образование којашто опфаќа 12 земји, и во која Бразилската инфраструктура игра клучна улога.

Мрежата RedCLARA моментално е кофинансирана од Програмата за соработка на ЕУ @ LIS2 со 12 милиони евра до 2012 година. Нејзината врска со голема брзина до сè-европската мрежа GEANT2 поттикна високо ниво на соработка меѓу истражувачите од ЕУ и Латинска Америка. На пример, оваа моќна интерконтинентална инфраструктура им овозможи на европските астрономи да пристапат до податоците произведени од еден единствен радио-телескоп што се наоѓа во Чиле и да соработуваат со нивните колеги од Бразил и САД, за драматично да ги подобрат астрономските опсервации.

Овој координиран повик ќе понуди нови можности за истражувачите од ЕУ и Бразил да ги здружат силите во клучните области како што се Истражувањето и експериментирање за интернетот на иднината (FIRE), за подобрување на безбедноста на интернет и довербата којашто е од витално значење за борбата против дигиталниот јаз, или за развој на напредни микро-системи и за да ја демонстрираат нивната издржаност во области како што се животната средина, квалитетот на храната, земјоделството, логистиката и јавниот превоз.

Извор: Europe’s Information Society “European Commission and Brazil devote €10 million to cooperation in ICT research & development” 29 септември, 2010.