Европската комисија останува целосно посветена на промовирањето интероперабилност, се вели во одговорите на Партијата на зелените/Европската слободна алијанса во Европскиот парламент. ЕК е „убедена дека (нејзината) инфраструктура ги поддржува сите главни ИТ стандарди и спецификации, без разлика дали се работи за софтвер со отворен код или за комерцијален софтвер“.

Зелените/Европската слободна алијанса во април поднесоа писмени прашања, следствено на медиумските извештаи за преговорите на ЕК за обновување на лиценците за комерцијален софтвер и нејзиниот план институциите на ЕУ да мигрираат кон најновата верзија на комерцијален оперативен систем. Зелените/Европската слободна алијанса сакаа да дознаат дали Европската комисија се придржувала до соодветната процедура.

Комисијата одговари: „Додека производи од Microsoft моментално навистина се користат за еден одреден слој на таа инфраструктура – имено платформата за канцелариска автоматизација – мора да се истакне дека трошоците за лиценцирање на овие производи претставуваат само незначителен дел од трошоците за работење и одржување на таа инфраструктура“.

Комисијата додава дека актуелниот рамковен договор веќе овозможува европските институции да мигрираат кон најновиот оперативен систем на Мајкрософт за PC. „Оваа постапка за јавна набавка не е директно поврзана со надградбата“.

Комисијата е во преговори за рамковен договор за софтверска лиценца за вкупно 55 европски институции, агенции и други тела, вклучувајќи го и Европскиот парламент.

Неутралност

Во својот одговор до Собранието, Комисијата исто така се повикува на својот одговор објавен на 19 април во една новинска статија во „Њујорк тајмс“. „(…)Комисијата е технолошки неутрална и не бара од земјите-членки на ЕУ да претпочитаат одредена категорија на софтвер или бизнис модел“.

Весникот имаше напишано дека „уделот на Мајкрософт на глобалниот пазар на оперативни системи проценет на повеќе од 90 отсто (…) ги поттикнува компаниите и владите да го користат неговиот софтвер за да обезбедат дека нивните системи ќе останат компатибилни“.

Извор: OSOR.eu „EC: ‘Commission fully committed to promoting interoperability’“ 31 мај, 2011.