Електронските комуникации – двигател на економијата базирана на знаења
Да започнеме едноставно, со неколку прашања чии одговори ги претпоставувам: Колку време денес поминавте разговарајќи на мобилен и фиксен телефон. Колку СМС и eлектронски пораки испративте и добивте во последните 24 часа?
Несомнено, електронските комуникации претставуваат основа на нашиот нов животен стил, секојдневно ни заштедуваат време, финансии и енергија и тоа не само во разговорите со нашите блиски и колеги, туку се повеќе благодарејќи пред се на „тројната игра“, овозможувајќи и пристап до квалитетни содржини и знаења.
Но постојат и други прашања чии одговори се загрижувачки: Дали плаќате премногу за ИКТ услугите и дали високите цени се поврзани со фактот дека постои изразена асиметричност помеѓу комуникациската и информатичката стопанска гранка (88% наспроти 12%)? Дали Вие и особено Вашите деца се чувствуваат сигурно со новите технологии (интернет, мобилни телефони со камери и блутут, кредитни картички), како од аспект на приватност, така и од аспект на безбедност? Како до поефтин пристап кон интернет – во школите, домовите, малите и средни претпријатија, руралните средини, за хендикепираните, луѓето кои се оставени на другата страна од дигиталниот јаз? Како конвергенцијата и дигитализацијата на е-содржини и нејзината универзална, стандардизирана и интероперабилна дистрибуција ќе се одвива кај нас и кои се предизвиците?
И конечно, прашања од стратешки интерес за трансформацијата на Република Македонија во општество базирано на знаења: Дали ИКТ е стратешка гранка за Република Македонија во чиј развој ќе се вложат буџетски средства кои потоа повеќекратно би се вратиле преку нови вработувања и зголемување на извозните активности на оваа млада на потенцијално моќна стопанска гранка? Дали ИКТ индиректно може да го поддржи толку очекуваниот економски раст, преку создавање на додадена вредност во македонската економија која треба со големи чекори да се реструктуира од индустриска во услужна економија, по примерот на развиените земји? Истражувањата покажуваат дека развојот и вложувањата во ИКТ директно влијаат на зголемувањето на БДП.
Основната конкурентна предност на една мала економија не е ниту евтината работна сила ниту ниските даноци. Тоа е знаењето на вработените, нивната креативност, проактивност, комуникативност, експертиза во своите области на работа. Од аспект на глобализацијата, една економија може да биде високо конкурентна и да преживее на светскиот пазар само доколку вложи во знаењата на граѓаните. Создавањето на високо-специјализирани пазари (т.н. niche markets ) претставува еден од главните предизвици за обезбедување на долгорочна одржливост на нашата економија. Но за овој тип на специјализација на пазарот, знаењата се неопходни. А знаењата се стекнуваат преку пристап до фонд од структуирани информации. Најефикасната платформа за дистрибуција на информациите се електронските комуникации и информатичката технологија. Преку директно влијание на развојот на оваа платформа индиректно, но со голема моќност, влијаеме на нашата економска иднина. Неопходно е брзото премостување на јазот помеѓу Република Македонија и новите земји членки на ЕУ (како основна референца која треба да ни биде за споредба). Но сето ова е можно само во економии кои се грижат за инвестициите во истражувањето и развојот на ИКТ производите и услугите.
Имајќи го сето ова во предвид, но и почитувајќи ја обврската од Законот за електронски комуникации, Министерството за транспорт и врски минатата година започна со изработка на Национална стратегија за развој на електронските комуникации со информатичките технологии (НСЕКИТ) вклучувајќи ги релевантните претставници од областа на ИКТ од сите сектори. Направен е сериозен обид сите горенаведени отворени прашања да бидат одговорени. За ова веќе пишувавме пред еден месец. Освен законската обврска за изработка на оваа стратегија е и потребата инфраструктурно да се поддржи имплементацијата на Националната стратегија за развој на информатичкото општество во Република Македонија (НСРИО). Занимливо е тоа што особен фокус е посветен на формирањето на Фонд за развој на информатичкото општество (од аспект на истражување и развој на производи и услуги кои би биле конкурентна предност за нашата економија на светскиот пазар, дофинансирање на меѓународно поддржани проекти од областа на ИКТ истражување и развој, изградба на академската мрежа низ територијата на Република Македонија како и финансирање на проекти за развој на информатичкото општество).
Фондацијата Метаморфозис поддржана од ОБСЕ и ТАТС/ЕАР одржа трибина „Зголемување на пенетрацијата на широкопојасниот интернет во Република Македонија“ од која произлегоа заклучоци за подобрување на НСЕКИТ од аспект на широкопојасниот интернет.
Самата стратегијата содржи дел кој е ориентиран на аспектот на електронските комуникации и кој опфаќа законска рамка, проблематиката на радио-фреквенцискиот спектар, универзалната услуга како и дигитализацијата на медиумите и влијанието на ослободувањето на радио-фреквентниот спектар (дигитална дивиденда). Активностите за подобрувањето на конкуренцијата на понуда за широкопојасен интернет претставуваат претходница на изработката на посебна Стратегија за широкопојасен интернет преку зајакнување на конкуренцијата на пазарот. НСЕКИТ исто така се осврнува на проектите поврзани со ИКТ и локалните самоуправи, малите и средни претпријатија, иднината на академските мрежи. На 21 март информацијата за потребата за донесување на НСЕКИТ беше усвоена од Владата на Р.М. без забелешки. Со ова започнува јавната расправа за документот и да се вградат измените, по што ќе оди на усвојување во владата, а потоа и Собранието на Република Македонија.
На сајтот на Министерството за транспорт и врски е објавена нацрт-стратегијата која е предмет на јавната расправа заедно со процедурата на коментирање и поднесување на предлози. Воедно се одржа и прес конференција . Сите заинтересирани граѓани и институции се добредојдени во процесот на јавната расправа. Ќе биде многу добро доколку декларативната поддршка да прерасне во суштинска и одржлива поддршка за имплементација проектите на двата комплементарни документи – НСЕКИТ и НСРИО. Преку реализацијата на мерките во двата документи ќе бидеме барем неколку чекора поблиску до ЕУ. Но тоа не е главниот аргумент. Економскиот бенефит ќе биде наш, сопствен и заработен. Да ја искористиме предноста карактеристична за малите земји – можноста за релативно лесна и брза трансформација и да го следиме примерот на Естонија и Словенија.
Јован Петров
Сподели:
Останати блог текстови
Секој министер се пофали и се сликаше за проектот „Една точка за услуги“, но тој никогаш не успеа - Мета.мк Новинска агенција
28.04.2023
Колаж од посетите на владините функционери во канцелариите „Една точка за услуги” / Фото: Државни институции Канцелариите „Една точка за услуги“ кои беа отворени во Скопје, Куманово, Охрид, Битола и во Тетово со цел граѓаните да му кажат „збогум“ на чекањето на шалтерите, ќе бидат затворени и на нивно место ќе бидат отворени 333 шалтери […]
Заштита на вашиот дигитален идентитет: Важноста на „сајбер хигиената“
25.04.2023
Во денешното дигитално доба, поважно е од кога било да преземете чекори за да се заштитите од сајбер заканите. Од вируси и малициозен софтвер па сѐ до измами со фишинг и кражба на идентитет, има многу ризици кои можат да ги компромитираат вашите лични информации и да направат хаос на вашите уреди. Затоа практикувањето добра […]
Комуникација со граѓаните за дигиталната трансформација– важен придонес за премостување на јазот
24.04.2023
Дигиталната трансформација ги менува нашите животи на начини што не можевме да ги замислиме дури ни пред неколку децении. Таа донесе нови можности и предизвици и го трансформира начинот на кој живееме, работиме и комуницираме меѓусебно. Сепак, комуникацијата со граѓаните за дигиталната трансформација може да биде предизвик, особено на Западен Балкан, каде што сè уште […]
Институциите како причина за нарушувања на приватноста во медиумите
19.04.2023
Дури и ако надлежните државни органи откријат приватни податоци на сторител или жртвата, медиумите не смеат да ги пренесуваат тие информации. Грешка од страна на државните органи не значи „дозвола“ за прекршување на етичките начела на професијата. Ова го вели Етичкиот кодекс на српските новинари, но медиумската практика често е сосема поинаква. Зошто е тоа […]
„АДА“, дигиталниот асистент базиран на вештачка интелигенција кој ќе им дава информации на граѓаните за државната помош - Мета.мк Новинска агенција
10.04.2023
Дигиталниот асистент „АДА“; Фото: Влада на РСМ Инвеститорите и граѓаните ќе можат да добиваат информации за програмите за државна помош на Владата на РСМ преку првиот дигитален асистент „АДА“ кој е базиран на вештачка интелигенција. Вака информираат од Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), по […]
Употребата на вештачката интелигенција во државните институции е корисна, но опасна е ако се злоупотреби - Мета.мк Новинска агенција
09.04.2023
Фото: Pixabay.com Користењето на вештачката интелигенција во јавниот сектор би помогнало да се зголеми квалитетот на услугите, да се заштеди времето и парите на граѓаните, но и да се спречи корупцијата. Меѓутоа, ако вештачката интелигенција се користи нетранспарентно, последиците ги надминуваат придобивките. Ова го велат експертите за влијанието на вештачката интелигенција доколку се користи од […]