Конференцијата ја отворија Дарко Бркан од „Зошто не?“, Марко Живковиќ од CRTA и Елена Игнатова од Метаморфозис. Истите накратко ги презентираа своите организации и идеите кои доведоа до реализирање на конференцијата.

Конференцијата имаше пет главни теми кои беа во фокусот, во контекст на употребата на новите технологии: следење на работата на владата и застапување од страна на владата, отвореност на владините и јавните записи, избори и изборен процес, образование, информации и обука, како и мобилизација и организација, и сето тоа секако, низ примата на примена на технологијата.

point2.1

Мноштвото говорници презентираа различни аспекти во рамките на петте главни теми, меѓу кои: како да пронајдете и препознаете добро новинарство, мониторинг на владата и парламентот во БиХ, употреба на новите технологии како предност за политичките партии, новите тенденции во интерактивните кампањи, новите медиуми во египетската револуција, онлајн активизам, Глобал Војсис, технологиите во медиумското следење на изборите, портали за слободен пристап до информации на Балканот, социјалната одговорност на веб порталите, како ефикасното цивилно општество во регионот користи ИКТ за различни потреби, менување на светот на политиката преку Интернет, итн.

Метаморфозис имаше свој тим на конференцијата, кои воедно беа и говорници.

Ирина Шумадиева зборуваше за градењето онлајн заедница за решавање на проблемите на граѓаните во Македонија, презентирајќи го сервисот Поправи.мк, поддржан од Метаморфозис, кој претставува начин за граѓаните да ги пријавуваат проблемите со инфраструктурата на нивниот град, а воедно да им помогнат на општините побрзо и поефикасно да ги отстранат истите.

Елена Игнатова зборуваше на темата Мерење на вистината на Балканот и го претстави проектот Вистиномер, кој Метаморфозис го реализира во соработка со граѓанското здружение „Зошто не?“ и  CRTA, а се однесува на одговорноста на политичките субјекти во нивните земји (istinomer.rs, istinomjer.ba, vistinomer.mk).

Во текот на трите дена на конференцијата, во Арт-киното „Kriterion“ во Сараево, се одржаа презентации, предавања, мултимедијални содржини, панел дискусии, разговори преку Скајп, филмови и дискусии, со над 50 говорници, презентери и панелисти од БиХ, од регионот, Европа и од светот. Исто така, имаше и стратешки состаноци на граѓанските организации во контекст на употребата на нови технологии за различни цели, иницијативи и проекти, како што се корупцијата, интеграцијата во ЕУ, изборите, институциите за надзор, образованието итн.

Освен за учесниците на конференцијата, таа беше отворена и за заедницата на интернет, односно сите сесии се емитуваа во живо на веб-сајтот на конференцијата. По завршувањето на презентациите, имаше и вечерна програма каде беа презентирани свежи таленти од музичката сцена.

На есен оваа година, како продолжение на двата настани кои се одржаа досега, ПОИНТ во Сараево и Граѓани на стража во Белград, во Скопје ќе се одржи третата конференција, овој пат во организација на фондацијата Метаморфозис.

Сподели: