Основните човекови права се група права и слободи, кои ги претставуваат темелните вредности на нашето општество. Овие права ги стекнува секој човек при раѓање и никој не смее да му ги оспори или да му ги одземе, освен во одредени случаи кога тоа е нужно (на пример, судот може да лиши од слобода одреден човек, со тоа што ќе одреди казна затвор доколку тој изврши некое потешко кривично дело). Основните човекови права може да се поделат на две групи: граѓански и политички слободи и права; и економски, социјални и културни права. Во граѓанските и политичките слободи и права спаѓаат правото на живот, правото на еднаквост, правото на физички и морален интегритет, правото на слобода, правото на приватност и други. Во економски, социјални и културни права спаѓаат правото на сопственост, правото на работа, правото на здравствена заштита, заштита на семејството и други. Целосниот список на универзални човекови права може да се најде во Универзалната декларација за човекови права, донесена од Генералното собрание на Обединетите нации во 1948 година. Исто така, овие права се признаени и во нашата држава и се директно впишани и во Уставот на Република Северна Македонија. Заштитата на основните човекови слободи и права се врши директно преку редовните судови, а во нашата држава и преку Уставниот суд. Советот на Европа за овие потреби го основал Европскиот суд за човекови права, како институција што се грижи за заштитата и за унапредувањето на овие права.

Image by Pete Linforth from Pixabay

Приватноста е вброена како едно од универзалните човекови права и таа потекнува од правото на заштита на човековото достоинство. Оттаму, приватноста е опишана како човеково право на приватен живот, автономија и контрола на информациите за себе.

Правото на заштита на личните податоци е изведено од правото на приватност и претставува право на заштита на информациите односно податоците преку кои може да се идентификува едно лице, какви што се името и презимето, матичниот број, адресата, фотографијата и други. Ова право игра важна улога при целокупното остварување на основните човекови слободи и права. Па, така, заштитата на лични податоци е исто така впишана во Повелбата за основни права на Европската Унија, а во случајот на Република Северна Македонија, и во член 18 од Уставот.

Правото на заштита на лични податоци е особено актуелно во изминативе години поради развојот на интернетот како инструмент за глобализација на повеќе делови од секојдневието, какви што се трговијата, забавата, социјализацијата помеѓу луѓето и други. Со развој на ваква алатка што ги надминува границите на државите, а со тоа и нивните законски надлежности, се овозможи појавување посебна гранка во трговијата – трговија со лични податоци. Односно, со цел целосно да се глобализираат гореспоменатите делови од секојдневието и да станат достапни до што повеќе луѓе на планетата, се разви и потреба за достапност до што повеќе податоци, меѓу кои најважни се личните податоци. На пример, доколку некој одлучил да започне бизнис каде што ќе продава уникатни обувки и сакал да го промовира користејќи го интернетот за да ја зголеми својата клиентела, без притоа да се ограничува на своето опкружување, нему би му биле потребни (а и лесно достапни) податоци за други луѓе што „сурфаат“ по интернетот, како најлесен начин за пласирање реклами и промоции за својот бизнис, наместо традиционалното отворање физичка продавница и локално рекламирање, кое самото по себе е поскапо и не гарантира резултати. Доколку на овој бизнис му се достапни лични податоци како име и презиме, локација, интереси и број обувки на огромен број луѓе што секојдневно сурфаат по интернетот, тој би можел да ги насочи своите ресурси за да допре до овие луѓе и со тоа да ја максимизира својата клиентела.

Во услови на системско и сеопфатно прибирање лични податоци, без поголема контрола од државите ширум светот, дојде до зголемена злоупотреба на лични податоци, како и зачестено кршење на самото право на заштита на личните податоци, а со тоа и губење контрола врз личните податоци од страна на поединецот, како темел на правото на приватност.

Во текот на своето оперирање преку интернет, приватните бизниси сè почесто прибираа лични податоци од своите корисници, без тие да дадат согласност, без да имаат избор или без воопшто да се запознаени со фактот дека нивните лични податоци се прибираат и се обработуваат, па дури и се споделуваат со трети лица. Некои бизниси и се финансираат врз основа на вакво „профилирање“ на своите корисници, со тоа што собираат што повеќе податоци за нив, кои потоа ги користат за пласирање реклами или ги препродаваат на трети лица.

Познат пример за вакви бизниси се социјалните мрежи како Фејсбук, Твитер и Инстаграм. Во текот на своето постоење, целта на овие бизниси е привлекување што повеќе корисници и прибирање што повеќе лични податоци за нив, преку впишување на нивното име и презиме, локација, споделување фотографии, сопствени мислења, интереси, сексуална определба, информации за кредитни картички и друго. Понатаму, со текот на времето, овие бизниси континуирано го прошируваа спектарот на лични податоци што ги прибираат и обработуваат, без притоа нивните корисници да имаат избор за тоа кои лични податоци ќе ги дадат.

Еден ваков познат случај е скандалот во кој беа вклучени Фејсбук и Кембриџ аналитика. Во овој случај, Кембриџ аналитика прибрале лични податоци за 87 милиони корисници, преку социјалната мрежа Фејсбук, кои потоа ги злоупотребиле на начин што направиле психолошки профили на овие корисници и влијаеле врз нив во однос на претседателските избори во САД што се одржаа во 2016 година. Како епилог на овој скандал, Фејсбук беше обврзан да плати отштета што достигнала 5 милијарди долари за злоупотреба на личните податоци на своите корисници (повеќе за овој случај може да прочитате тука).

Токму вакви инциденти го привлекоа вниманието на законодавните органи на државите низ целиот свет и го пренасочија фокусот на заштита на лични податоци од јавниот кон приватниот сектор. Преку носење модерна легислатива (како што е европската Општа регулатива за заштита на податоци или македонскиот Закон за заштита на личните податоци), која примарно ги штити граѓаните, таа повторно ја става контролата врз нивните лични податоци во рацете на граѓаните. Од друга страна, таа ги ограничува приватните бизниси и јавните органи во начинот и мерата во која прибираат лични податоци и, исто така, го крева нивото на заштита и транспарентност што тие мора да го следат и да го почитуваат.

Според начинот на кој се развива општеството, односно со неговата континуирана дигитализација, сѐ повеќе се обрнува внимание на заштитата на личните податоци како право. Со тоа што технологијата се развива побрзо отколку законодавството во светот, а со тоа и начините на кои може да се злоупотребуваат личните податоци се множат, може да се очекува правото на заштита на личните податоци да биде подигнато на ниво на универзално човеково право во блиска иднина, а со тоа и да се изедначи ставот кај државите во светот дека личните податоци и контролата врз нив е вредност што е неделива од човекот и поради тоа треба да се заштитува.

 

Автор: М-р Никола Димитров

 

Овој текст е подготвен со поддршка на Европската Унија. Содржините во овој текст се единствена одговорност на партнерите на проектот „Техничка и интегрирана заштита на лични податоци – градење инклузивен дигитален екосистем“ и на авторот и на ниеден начин не ги одразуваaт ставовите на Европската Унија.

Сподели: