Согласноста е еден од инструментите, според Законот за заштита на личните податоци, кој се користи за прибавување и за обработување лични податоци на граѓаните од страна на лицата што обработуваат лични податоци. Согласноста мора да биде слободно дадена (не смее да биде изнудена или дадена под притисок од лицето што обработува лични податоци), таа мора да е конкретна (граѓанинот точно да знае за што ја дава својата согласност), таа мора да е информативна (граѓанинот да знае за која цел се земаат неговите лични податоци и во кој обем) и таа мора да е недвосмислена (согласноста мора да биде јасно претставена). Како пример може да се земе политиката за колачиња на одредена веб-страница преку кои се земаат лични податоци на лицето што ја користи веб-страницата. За лицето што обработува лични податоци да добие согласност да прибира лични податоци од корисникот на неговата веб-страница, тоа треба да му овозможи на корисникот да се согласи или да не се согласи со политиката за колачиња, треба да образложи конкретно за какви колачиња станува збор, да го информира корисникот за кои цели ќе се користат неговите лични податоци и кои лични податоци се прибираат и прашањето за согласноста да биде јасно и лесно разбирливо за корисникот. Во случајов, доколку прашањето е: „Дали ви се допаѓа нашата веб-страница и се согласувате да ги користиме вашите лични податоци?“, нема да се смета дека согласноста е дадена, затоа што прашањето е двосмислено и е нејасно. Повеќе за политиката за колачиња може да прочитате тука.

Надминување на целите за кои е земена согласноста за обработка на личните податоци претставува прекршок според Законот за заштита на личните податоци. Како пример, да кажеме дека сте го однеле своето возило на автосервис и сте оставиле име, презиме и телефонски број за да може да ве известат вработените дека може да го подигнете вашето возило. Доколку, понатаму, некој од истиот автосервис ви се јави на вашиот телефонски број за да ви ги каже новите понуди за купување гуми за возилото, ќе се смета дека се надминати целите за обработка на лични податоци (известувањето дека вашето возило може да се подигне од сервисот) и дека е сторен прекршок. Во овој случај, Законот за заштита на личните податоци предвидува можност лицето да ја повлече согласноста за обработка на лични податоци, односно да го извести лицето што обработува лични податоци дека повеќе не сака неговите податоци да се обработуваат. Дополнително, лицето може во секое време да побара тие да се избришат од евиденцијата на лични податоци на лицето што обработува лични податоци.

Image by Catkin from Pixabay

Понатаму, согласноста може да се повлече и кога не е сторен прекршок. На пример, да кажеме дека сте одлучиле да ги дадете своите лични податоци (име, презиме, е-пошта) на својот омилен бренд за облека, со цел да добивате известувања за нови колекции или промоции и, по некое време, сте одлучиле дека не сакате повеќе да добивате вакви известувања. Преку правото за повлекување на согласноста, лицето што обработува лични податоци (во овој пример, брендот за облека) има должност да престане да ви испраќа известувања и покрај тоа што ги обработувале вашите лични податоци исклучиво за целите за кои вие сте дале согласност.

Во случаи на повлекување на согласноста за обработка на личните податоци, надлежен е офицерот за заштита на личните податоци на лицето што обработува лични податоци. Повеќе за офицерот за заштита на личните податоци може да прочитате тука.

Во случаи кога повлекување на согласноста не е доволно, односно личните податоци и понатаму се обработуваат противзаконски, односно се злоупотребуваат од лицето што обработува лични податоци, граѓаните имаат можност да се обратат до Агенцијата за заштита на личните податоци на Република Северна Македонија. Со пополнување на формуларот што може да се најде на нивната веб-страница, граѓаните може да пријават кое лице и на каков начин ги злоупотребува нивните лични податоци и со тоа ги прекршува одредбите на Законот за заштита на личните податоци. Агенцијата, по добиената пријава и доколку пријавата е основана, ќе контактира со лицето што обработува лични податоци и ќе му наложи да престане со обработката односно со злоупотребата на личните податоци или, во спротивно, ќе добие парична казна.

Согласноста е еден инструмент преку кој лице што обработува лични податоци може да ги прибавува и да ги обработува личните податоци на граѓаните. Во овој случај, лицата што обработуваат лични податоци имаат обврска да прибават како и понатаму да можат да докажат дека добиле согласност од граѓаните пред да прибавуваат и да обработуваат лични податоци. Граѓаните, од друга страна, имаат право во секој момент да ја повлечат својата согласност, како и да пријават какви било прекршоци и злоупотреби на нивните лични податоци до Агенцијата за заштита на личните податоци.

Автор: М-р Никола Димитров

Овој текст е подготвен со поддршка на Европската Унија. Содржините во овој текст се единствена одговорност на партнерите на проектот „Техничка и интегрирана заштита на лични податоци – градење инклузивен дигитален екосистем“ и на авторот и на ниеден начин не ги одразуваaт ставовите на Европската Унија.

Сподели: