Според одлуката на Европскиот суд на правдата (ЕСП) објавена на 9 март, 2010 г. во случајот Европска комисија против Германија, Органите за заштита на податоците (ОЗП) основани во согласност со Директивата за заштита на податоци 95/46, треба да бидат целосно независни.
Во овој случај германските регионални ОЗП не беа сметани како независни, бидејќи се дел од регионалната администрација и предмет на државна контрола.
Во одлуката на ЕСП се вели дека „надзорните органи предвидени со член 28 од Директивата 95/46 претставуваат заштитници на тие основни права и слободи, а нивното постоење во земјите-членки се смета, како што е наведено во 62-то читање во преамбулата на Директива 95/46, за суштинска компонента на заштитата на поединците во однос на обработката на лични податоци“.
Во однос на барањата за независност на надзорните органи, судот заклучи дека овие органи „мора да уживаат независност којашто им овозможува да ги извршуваат нивните должности без надворешни влијанија. Таа независност го спречува не само вршењето на некакво влијание врз надзорните органи, туку исто така, какви било насоки или други надворешни влијанија, директни или индиректни, кои би можеле да го доведат во прашање извршувањето на задачата на овие органи која се состои од воспоставување на фер рамнотежа меѓу заштитата на правото на приватен живот и слободното движење на личните податоци“.
Европскиот контролор за заштита на податоци кој ја поддржа Европската комисија пред Европскиот суд на правдата беше задоволен со одлуката.
„Одлуката на Судот е од голема важност. Со неа се појаснува и зајакнува позицијата на органите за заштита на податоците, како дел од основното право на заштита на податоците. Според Европскиот контролор за заштита на податоци, оваа пресуда е важна за сите надзорни органи во сите земји-членки на ЕУ“.
Во 2005 година, Европската комисија поведе прекршочна постапка против Германија и Австрија, поради тоа што не им овозможиле соодветна независност на органите за заштита на податоците.
ECJ Decision in Case 518/07 – European Commission vs. Germany (9.03.2010)
EDPS welcomes Court of Justice’s ruling strengthening independent position of data protection authorities (9.03.2010)




