Членовите на Европскиот парламент и нивните помошници учествуваат во овогодишниот Ден на слобода на документите, „како нивни придонес за едуцирање на јавноста за важноста на слободните формати на документи и воопшто за отворените стандарди”, се вели во соопштението на веб-сајтот на парламентот.
Тројцата пратеници ќе одржат неколку презентации во среда, во зградата Пол-Анри Спаак на Европскиот парламент во Брисел.
Пратениците Малика Бенараб-Ату, Индрек Таранд и Карима Дели ќе ги нагласат можностите што ги нудат дигиталните технологии за проширување на пристапот до културата во Европа и во светот“, пишува европратеничката Малика Бенараб-Ату на својот веб-сајт. Европарламентарците велат дека сите формати на документи и апликации за документи треба да може да ги чита секој компјутер или човек. „Јавниот домен треба да се заштити од ерозија и да се прошири и одржува“.
Европарламентарците организираа три презентации за отворени документи; Штефан Градман, професор на библиотечно-информациски науки на Универзитетот Хумболт во Берлин, потоа Хекон Виум Ли, Главен технолошки директор на софтверот Опера и Каидо Кикас, вонреден професор на естонскиот колеџ за информатичка технологија и вонреден професор за слободен софтвер на универзитетот во Талин, Естонија.
Слични настани по повод Денот на слободата на документите се организираат од организации за застапување за отворени стандарди од земјите членки на ЕУ, вклучувајќи ги Холандија, Португалија, Обединетото Кралство, Шпанија, Германија, Хрватска, Грција и Италија. На пример, за учениците и училиштата во Сполето, Италија беа организирани серија разговори околу важноста на користењето на отворениот формат на документи. Во лабораторијата за ГНУ/Линукс во Солун, Грција, ќе се одржи говор за Отворениот формат на документи и вредноста на неговото користење во јавниот сектор. Во Португалија, неколку организации ги здружија силите за да организираат неколку дискусии и презентации, вклучувајќи говорници од португалските политички партии.
Извор: OSOR.eu „EU: European Parliamentarians participate in Document Freedom Day“ 25 март, 2011.