Европската комисија, земјите-членки на ЕУ и европската индустрија ќе инвестираат повеќе од 22 милијарди евра во наредните седум години за иновации во секторите кои овозможуваат висококвалитетни работни места.
Поголемиот дел од инвестициите ќе бидат наменети за пет јавно-приватни партнерства за иновативни лекови, аеронаутика, био-базирани индустрии, водород и горивни ќелии и електроника. Овие партнерства за истражување ќе ја зголемат конкурентноста на индустријата на ЕУ во секторите кои веќе обезбедуваат повеќе од 4 милиони работни места. Тие ќе најдат и решенија за најголемите општествени предизвици кои самиот пазар не ги решава доволно брзо, како што се намалувањето на емисиите на јаглерод или обезбедување на следната генерација антибиотици. Со пакетот се предлага и да се прошири иницијативата за здружување на инвестициите за истражување и иновации во управувањето со воздушниот сообраќај (SESAR), во знак на поддршка на Единственото европско небо.
Жозе Мануел Баросо, претседателот на Европската комисија изјави: „ЕУ мора да остане лидер во стратешките глобални технолошки сектори кои обезбедуваат висококвалитетни работни места. За да го постигне тоа, овој пакет за инвестиции во иновации комбинира јавно и приватно финансирање. Тоа е совршена демонстрација на поддршката што ја нуди буџетот на ЕУ за раст и работни места“.
Генерално, предложените инвестиции од 8 милијарди евра од наредната програма на ЕУ за истражување и иновации, Хоризонт 2020, ќе обезбедат околу 10 милијарди евра од индустријата и приближно 4 милијарди од земјите-членки на ЕУ.
Европскиот комесар за истражување, иновации и наука Мер Геогеган-Квин изјави: „Со овие иницијативи не само што се зајакнува нашата економија, туку тие се и инвестиција за подобар квалитет на животот. Работејќи заедно ќе можеме да се справиме со проблемите со кои ниту една компанија или земја не можат да се справат сами“.
Петте јавно-приватни партнерства наречени „Заеднички иницијативи за технологија“:
- Иновативни лекови 2 (IMI2): развој на вакцини од следната генерација, лекови и третмани, како што се новите антибиотици (врска до информативниот документ)
- Водород и горивни ќелии 2 (FCH2): проширување на употребата на чисти и ефикасни технологии во транспортот, индустријата и енергетиката (врска до информативниот документ)
- Чисто небо 2 (CS2): развој на почисти и потивки летала со значително помала емисија на јаглерод диоксид (врска до информативниот документ)
- Био-базирани индустрии (BBI): користење на обновливите природни ресурси и иновативни технологии за поеколошки секојдневни производи (врска до информативниот документ)
- Електронски компоненти и системи (ECSEL): зголемување на способностите на Европа за производство на електроника (врска до информативниот документ)