Европската комисија денес го објави конечниот и најголем збир повици за предлог-проекти за истражување под Седмата рамковна програма (FP7).
Со вкупно 8,1 милијарди евра ќе се поддржат проекти и идеи кои ќе ја зголемат конкурентноста во Европа и кои се справуваат со проблеми од областа на здравјето на луѓето, заштитата на животната средина и изнаоѓањето нови решенија за сè поголемите предизвици поврзани со урбанизацијата и управувањето со отпадот. Финансирањето – кое е отворено за организации и компании во сите земји-членки на ЕУ и земјите-партнери – го сочинува најголемиот дел од предложениот буџет на ЕУ за истражување во износ од 10,8 милијарди евра за 2013 година. Ова соопштение доаѓа само неколку дена по образложението на лидерите на ЕУ кои ја истакнаа важноста на истражувањето и иновациите во Спогодбата за раст и работни места.
Европскиот комесар за истражување, иновации и наука, Мер Геогеган-Квин изјави: „Знаењето е валутата на глобалната економија. Ако Европа сака да продолжи да биде конкурентна во 21-от век, мора да ги поддржиме иновациите и истражувањата кои ќе генерираат раст и работни места, сега и во иднина. Високото ниво на конкуренција за финансирање од ЕУ обезбедува дека парите на даночните обврзници се доделуваат на најдобрите проекти кои се занимаваат со прашањата кои нè засегаат сите нас“.
Со повиците се бараат предлог-проекти во кои се опфатени иновации и голем број општествени предизвици, градењето на „мостот“ кон Хоризонт 2020 – наредната програма на ЕУ за финансирање истражувања од 2014 до 2020 г. Вкупно 4,8 милијарди евра се наменети за тематски приоритети за истражување. Индустриската иновација ќе се поддржи преку активности како што се пилот-проекти, демонстрација, стандардизација и трансфер на технологии.
Посебно внимание ќе се обрне на малите и средни претпријатија (МСП) со пакетот инвестиции во вредност до 1,2 милијарди евра. Околу 2,7 милијарди евра ќе помогнат да се зацврсти позицијата на Европа како дестинација од светски ранг за истражувачите, главно преку индивидуални грантови од Европскиот совет за истражување (1,75 милијарди) и Акцијата Марија Склодовска – Кири (963 милиони евра) за обуки за истражувања и мобилност.
Со цел да се прошират одличните истражувања, се подготвува нова иницијатива „Европски центри за истражување. На пилот-повикот за предлог-проекти во износ од 12 милиони евра ќе се изберат вкупно пет вакви центри, чиишто домаќини ќе бидат универзитетите или други подобни истражувачки институции во помалку развиените региони, во пет различни земји на ЕУ. За да бидат домаќини на ваков центар, институциите мора да ја покажат својата способност за поддршка на квалитетот обезбедувајќи ги потребните објекти, а во согласност со Начелата за Европски центри за истражување, како што е отвореното вработување.
Поголемиот дел од повиците за предлог-проекти (повици за конкурирање за средства) беа објавени на 10 јули, а други конкретни повици ќе следуваат и наесен.