На 27 мај 2008 г., Европската агенција за безбедност на мрежи и информации (ЕНИСА) апелираше за ново законодавство со кое би се регулирале веб-сајтовите за социјално вмрежување.

ЕНИСА, која беше формирана во 2004 г. за набљудување на безбедносните мерки на интернет во 27 земји-членки на ЕУ, издаде прелиминарен извештај на својот Генерален извештај во кој нагласува дека на сајтовите за социјално вмрежување како Фејсбук и Мајспејс им е потребна поголема регулатива за заштита на нивните корисници од безбедносни ризици. „Сајтовите за социјално вмрежување се многу корисни општествени алатки, но мора да дадеме препораки за подобра заштита на луѓето од ризиците кои произлегуваат од овие веб-сајтови,“ изјави Андреас Пироти, извршен директор на ЕНИСА и автор на извештајот. Тој предложи проширување на законодавството на ЕУ со цел „да се опфати фотографирањето на луѓе и поставувањето на нивни фотографии на интернет.“

Според Пироти, безбедноста на интернет е под постојана закана од спамери и криминалци. „Безбедноста на интернет е од исклучително значење, имајќи предвид колкав дел од бизнисот денес се одвива преку интернет. Не сакаме да има нарушувања во инфраструктурата, и не сакаме да се случи дигитален 11-ти септември,“ рече Пироти. Тој исто така смета дека е многу важно „да се подигне свеста околу тоа како функционираат сајтовите за социјално вмрежување. Малкумина знаат дека некој може да ги поврзе со луѓе кои не ги познаваат. Исто така, многу луѓе не знаат дека е скоро невозможно да се избрише материјал кој еднаш ќе се појави на интернет.“

Некои од ризиците поврзани со социјалното вмрежување идентификувани од ЕНИСА се; препознавање на лицата, дигитални досиеја, нарушување на угледот, фишинг напади, кражба на идентитет и други. Во извештајот на организацијата се вклучени 19 препораки до овие мрежи, за начините на кои можат да ја подобрат безбедноста.

Меѓу другото, ЕНИСА апелира за регулаторно разгледување на мрежите за социјално вмрежување, зголемена транспарентност на практиките за работење со податоци, зголемена едукација за безбедност на корисниците, и спротивставување па дури и забрана на социјалното вмрежување во училиштата.

Според едно истражување спроведено од страна на компанијата за ИТ менаџмент – Компјутер асошиејтс и Државниот сојуз за кибер-безбедност во 2006, поголемиот дел од корисниците на веб-сајтовите за социјално вмрежување не се свесни за можните безбедносни проблеми. Осумдесет и три проценти од нив признале дека преземале непознати датотеки од непознати корисници и 74 проценти рекоа дека без проблем делеле лични податоци преку интернет. Исто така, еден извештај на Симантек објавен во 2007 покажа дека сајтовите за социјално вмрежување нудат лесен плен за компјутерските измамници. Безбедносните практики на тие сајтови ја олеснуваат инвазијата и ширењето на нападите на сè повеќе луѓе.

Top EU security agency calls for policing of social network (27.05.2008)

EU may regulate social networking sites over security issues (27.08.2008)

ENISA General Report 2007 – adopted, non designed version

 

Извор: ЕДРи-грам: "Social networking sites might be regulated in EU" бр. 6.11 6 јуни, 2008.