Уште во 2000 година Европската комисија ја постави целта Европската Унија до 2010г. да стане конкурентна и динамична економија на знаење којашто ќе биде способна за одржлив економски развој…

Уште во 2000 година Европската комисија ја постави целта Европската Унија до 2010г. да стане конкурентна и динамична економија на знаење којашто ќе биде способна за одржлив економски развој. Но, еве денес се наоѓаме на прагот на 2005 година, а Европа е далеку од својата цел. Во водечките европски економии eкономскиот пораст бележи стагнација, силата на еврото во споредба со другите валути врши притисок на европскиот извоз, а продуктивноста на работната сила расте многу поспоро во однос на другите светски економии. Според написот објавен неодамна во угледниот неделник „Бизнис Вик“ (Business Week), денес производот по работник во ЕУ е за 20% помал споредено со производот по работник во САД. Исто така, Франција, Италија, Велика Британија и Германија имаат помал бруто домашен производ по жител од кои било четири сојузни држави во САД.

Како што покажува и новото истражување на компанијата е-Маркетер (eMarketer)  под наслов: ИТ и Е-бизнис во Европа: Трошоци и трендови (IT and E-Business in Europe: Spending and Trends) Европа заостанува во целосното прифаќање на ИКТ и напредните е-бизнис алатки, а САД, Јужна Кореја, Кина и Јапонија ги унапредуваат економскиот раст и продуктивност со користење на ИКТ. По најголемиот пораст на потрошувачката на ИКТ забележан во 2000г. во ЕУ не е забележан некој позначаен пораст. Затоа Европската комисија неодамна објави неколку извештаи во коишто наведува неколку итни акции коишто треба да се преземат ако ЕУ сака да вклучи во економската борба со САД и Азија во годините што доаѓаат. Според агенцијата Гартнер (Gartner) потрошувачката на ИТ во Западна Европа во 2005г. ќе порасне за само 2%. Други извори (EITO и Ovum. Forrester Research) наведуваат дека растот може да се движи од 2% до 4% што не е доволно за да се биде конкурентен во светски рамки, а камоли за постигнување на целите коишто ЕУ се надева да ги исполни до 2010г.