Според новиот извештај на Евробарометар, речиси 80% од Европејците велат дека се заинтересирани за научни откритија и технолошки развој, во споредба со 65% кои се позаинтересирани за спортот.
Над 70% од Европејците сметаат дека истражувањата финансирани од ЕУ ќе станат уште поважни во иднина. 57% мислат дека научниците треба да вложат повеќе напори во информирањето за нивната работа, а 66% сметаат дека владите треба да сторат повеќе за да ги заинтересираат младите луѓе за научни прашања. Најголем дел од Европејците ја потврдуваат важноста на науката и придобивките од неа, но многумина исто така изразуваат стравувања поради ризиците од новите технологии и моќта којашто знаењето им ја дава на научниците.
Комесарот за Истражувања, иновации и наука Мер Геогеган-Квин изјави: „Успехот на Стратегијата Европа 2020 зависи од тоа колку најновата наука ќе ја одржи Европа конкурентна. Тоа значи дека обичните Европејци треба да ја поддржат науката и да вршат постојан притисок врз владата и индустријата, за тие да инвестираат во науката. Овие резултати укажуваат на многу висока свест за важноста на науката. Но, тие исто така покажуваат дека и политичарите – како јас – и научниците треба подобро да објаснат што правиме и зошто“.
На ниво на ЕУ27, 61% од луѓето се сметаат себеси за многу или пак умерено добро информирани за научните откритија и технолошкиот развој. 74% од граѓаните мислат дека истражувањето по пат на соработка низ цела Европа, финансирано од Европската унија ќе станува сè поважно. Над шест од десет Европејци сметаат дека истражувањето по пат на соработка е покреативно и поефикасно. Соработката помеѓу земјите-членки е широко поддржана (72% од Европејците се согласуваат).
Сè на сè, анкетата покажува дека европските граѓани се прилично оптимистички настроени во однос на науката и технологијата. 75% од испитаниците се согласуваат или има тенденција да се согласат дека благодарение на науката и технологијата ќе има повеќе можности за идните генерации. Сепак, постои мала тенденција кон скептицизам во однос на анкетата од 2005 г.
Европјаните имаат позитивно мислење за влијанието на науката кај младите, но сметаат дека владите не прават доволно за да се стимулира поголем интерес. Се смета дека е потребно да се вложат повеќе напори од страна на владите за да се поттикне вклучувањето на жените и се смета дека тоа би можело да има позитивен ефект – 63% мислат дека вклучувањето на повеќе жени во истражувањата би го подобрило начинот на истражување.
Оваа специјална анкета на Евробарометар беше спроведена преку интервјуа спроведени лице-в-лице во 32 европски земји за да се оценат општите ставови на европските граѓани во однос на науката и технологијата, и да се види дали оваа перцепција се променила значително од 2005 година. Вкупно 31.243 лица беа интервјуирани во периодот помеѓу 29 јануари и 25 февруари, 2010 година.