Жените и постарите лица го надминуваат дигиталниот јаз, но сиромашните сè уште заостануваат, се вели во последниот извештај на Европската комисија посветен на дигиталниот јаз.

        Според најновиот извештај на Европската комисија во последните три години жените ги престигнале мажите во темпото на прифаќање на интернетот.

        Исто така, кај лицата постари од 55 години се забележува зголемување на компјутерските познавања, а овој тренд сигурно ќе продолжи. Сепак, помалку-образованите и послабо-платените  луѓе не можат толку брзо да го постигнат тоа, со што им се скратуваат новите можности. Извештајот наведува дека образованието, возраста и приходот остануваат најважните области во дигиталниот јаз.

        Извештајот заклучува дека пристапот до интернет и познавањето на работата со компјутери можат да им помогнат на луѓето да ја победат сиромаштијата, но и да ја избегнат. Сепак, потребна е поголема информираност, особено од националните извори, за подобро насочување на политиките за помош на луѓето при влезот во информатичкото општество. Без акција, Европа може да стане уште пополаризирана помеѓу „еВклучените и еИсклучените“.

        Високата цена на персоналните компјутери е една од пречките за намалување на дигиталниот јаз. Ова е особено присутно кај новите земји-членки. Главната причина за некористење на интернет во Европа е немањето на компјутер дома.

        Кога Европската унија имала 15 земји-членки, 43% од населението користело интернет, а овој просек се намалил на 41.4% кога бројот на земји-членки се зголемил на 25. Сепак повеќе од 25% од населението во новите земји-членки користи интернет, што е повеќе во споредба со Грција и Португалија. Естонија со 44% и Словенија со 41.7% имаат поголем просек на употреба на интернет од повеќето од старите земји-членки.

        Оддалечените и руралните области на ЕУ најчесто сè уште немаат основна интернет врска. Тие, исто така, споро ги прифаќаат новите технологии, зголемувајќи го со тоа дигиталниот јаз меѓу руралните и урбаните области.