Европската комисија најави нова стратегија за поддршка на дигитализацијата на Европските кина и за да ги поттикне да прикажуваат филмови произведени во Европа, со што би се обезбедил поголем избор за посетителите на кината.

Цената на дигиталната опрема е превисока за повеќето мали кина и стратегијата на Комисијата нуди опции за финансиска поддршка, вклучувајќи државна помош и поддршка од Европскиот фонд за регионален развој и Програмата MEDIA на ЕУ, којашто ја поддржува филмската индустрија. Со дигитализацијата се создава можност за конвертирање на филмовите направени уште во периодот на почетоците на киното, со цел да се зачуваат за идните генерации.

Комесарот Андрула Василиу, одговорен за образование и култура, изјави: „Дигиталната револуција го трансформираше начинот на којшто филмската индустрија ги произведува, дистрибуира и прикажува филмовите. Овие промени исто така создаваат големи можности за европската кинематографија Дигиталната технологија може да ги намали дистрибутивните трошоци и да придонесе за зголемување на бројот и разноликоста на европските филмови прикажувани низ светот. Се надевам дека наскоро ќе ги почувствуваме придобивките од дигиталната технологија во сите европски кина“.

Во Европа, дигитализацијата се одложува поради трошоците за конверзија и различните потреби на кината. Нов дигитален проектор и сервер чини околу 75.000 евра, што е голема инвестиција за операторите на мали кина.

Од 2007 година досега Комисијата има обезбедено финансиска поддршка во износ од 25 милиони евра преку програмата MEDIA за иницијативите за дигитални кина и други иновациски проекти. Исто така, планира да стартува нова програма за грантови на крајот на 2010 г., којашто ќе придонесе со дополнителни 4 милиони евра за дигитализација, наменети за кината кои најчесто прикажуваат европски филмови.

Кината во полскиот регион Малополска, во Северниот, Централниот и Алентехо регионите на Португалија и германскиот регион Долна Саксонија добија поддршка од Европскиот фонд за регионален развој да преминат од целулоид кон дигитални проекции. Некои француски региони исто така планираат да користат средства од ЕФРР за оваа намена.

Освен решавањето на финансиските прашања, стратегијата на Комисијата има за цел:

  • Искористување на можностите што ги нуди стандардизацијата;
  • Скратување на периодот на дигитална транзиција што е можно повеќе, за да се избегнат трошоците за производство и на целулоидна лента и на дигитални верзии на филмови и двојниот систем за дистрибуција/прикажување;
  • Зачувување и зголемување на разновидноста на европските филмови во дигитализираните кина;
  • Инвестирање во истражување, опрема и стручна обука за зачувување на филмското наследство.

Извор: Europe’s Information Society “Commission supports digitisation of European cinemas” 28 септември, 2010.