Имајќи ги предвид одредбите од Законот за задржување на податоци и фактот дека задржувањето на податоци може да се избегне со користењето на анонимни сервиси, се наметнува прашањето дали Европската комисија ќе ги забрани анонимните електронски сервиси?

Во таа смисла, шведскиот европарламентарец Јенс Холм неодамна го упати ова прашање до Комисијата бидејќи смета дека се потребни доверливи системи со цел приватниците или компаниите да можат да обезбедуваат анонимни информации во врска со криминал или судења за финансиски криминал. Некои поединци може да не се осмелат да контактираат со полицијата или медиуми, претпочитајќи да испратат анонимни е-пораки со важни информации што тие можеби ги поседуваат.

Холм ја праша Европската комисија дали има намера да подготви предлог за забрана на такви услуги во одредени области, дали Комисијата смета дека земјите-членки имаат право да забранат такви услуги и дали смета дека правото на електронска анонимност треба да биде гарантирано во ЕУ.

Потпретседателот на Европската комисија Жак Баро, одговорен за правда, слобода и безбедност, одговори во име на ЕК дека во моментот не се планира  Европската комисија да поднесе предлог да се забрани употребата на анонимните сервиси, но дека Комисијата го проучувала влијанието на таквите сервиси врз „способноста на полициските агенции да им пружат безбедност на граѓаните во Европската унија“.

Иако мораше да се земе предвид потребата за опстанок на можноста за анонимно обезбедување на информации до релевантни организации, според мислењето на Европската комисија, земјите-членки имаат одговорност да ја чуваат нивната внатрешна безбедност. Доколку способноста за тоа им се ограничува поради анонимните сервиси, „тие може да ја регулираат употребата на тие сервиси, истовремено почитувајќи ја Европската конвенција за човекови права и други начела и гаранции во однос на граѓанските слободи во Европа, како и нивните обврски според тие спогодби. Таквите мерки мора да бидат соодветно оправдани и мора да бидат сразмерни и ограничени на она што е потребно во едно демократско општество“.

Баро одговори дека законодавството на ЕУ го обезбедува фундаменталното право на заштита на личните податоци и дека „личните податоци мора да бидат обработувани фер и законски, вклучително и принципот за минимизирање на податоците, кој може да биде проширен со употребата на анонимни податоци секаде каде што тоа е можно. Сепак, Европската комисија остава простор за идни рестриктивни дејства. „Земјите-членки може да усвојат мерки за да се ограничи опсегот на овие принципи кои се потребни за чување на важните јавни интереси како што се националната безбедност или спроведувањето на законот, како и борбата против тероризмот или компјутерскиот криминал“.

European Commission position on anonymisers (12.04.2009)
http://www.tjmcintyre.com/2009/04/european-commission-position-on.html

Written Question by Jens Holm (GUE/NGL) to the Commission – Anonymity services
http://www.europarl.europa.eu/sides/getDoc.do?type=WQ&reference=E-…

Parliamentary questions- Answer given by Mr Barrot on behalf of the Commission (3.04.2009)
http://www.europarl.europa.eu/sides/getAllAnswers.do?reference=E-2009-…

 

Извор: ЕДРИ-грам „Are anonymous electronic services to be prohibited by the EC?“ бр. 7.8, 22 април, 2009.