Европската комисија смета дека предлогот од Обединетото Кралство за доделување на околу 6 милиони евра јавни пари за изградба на ултра-брза широкопојасна мрежа во градот Бирмингем е во согласност со правилата за државна помош на ЕУ, особено поради тоа што мрежата ќе биде отворена за сите оператори, а со тоа ќе се промовира конкуренцијата.
„Инвестициите во мрежите за ултра-брз широкопојасен интернет придонесуваат за промовирање на растот, во согласност со Дигиталната агенда на ЕУ. Ако таквите мрежи се изградени со помош на парите на даночните обврзници, важно е да се осигури просперитетна конкуренција на субвенционираните мрежи, за локалните компании и граѓаните да имаат полза од континуираното подобрување на услугите на широкопојасен интернет по конкурентни цени“ изјави Хоакин Алмунија, потпретседателот на Комисијата задолжен за политиката на конкуренција.
Целните области на оваа мерка се две подрачја во Бирмингем каде приватните оператори или немаат или имаат премногу ограничени инвестициски планови за наредните три години. Ова значи дека во отсуство на овој проект, повеќето потрошувачи ќе можат да ги користат само основните услуги на широкопојасен интернет или скапите услуги што се изнајмуваат за компании.
Со испитувањето на Комисијата се утврди дека ултра-брзата мрежа на Бирмингем е планирана во насока на конкурентноста, исполнувајќи ги и надминувајќи ги од неколку аспекти условите поставени во Упатствата на ЕУ за широкопојасен интернет. Конкретно, ќе се овозможи отворен пристап за алтернативните оператори во период од најмалку 25 години, додека во Упатствата се бараат само седум години. Исто така, со мрежата ќе се управува на големо, за да се обезбеди поголема конкуренција на малопродажно ниво. Конечно, сите можни производи до кои се пристапува по принципот продажба на големо, ќе им бидат понудени на трети оператори, како што се изнајмени оптички кабли, а тоа е еден од производите кои најмногу поттикнуваат конкурентност кога станува збор за продажба на големо.
Проектот е целосно во согласност и со барањата во новите нацрт-упатства за широкопојасен интернет (објавени на 1 јуни за јавни консултации), особено со нудењето значајни подобрени технолошки карактеристики во споредба со постојните мрежи (на пример, симетрични брзини). Повеќе локални мали и средни претпријатија кои се активни во „креативната индустрија“ очекуваат побарувачка за такви квалитативни подобрувања. Покрај тоа, со субвенционираната мрежа ќе се управува само како со мрежа за продажба на големо.