Денес, Европската комисија предложи нови правила со кои трошоците за инсталирање брз широкопојасен интернет би се намалиле за 30 отсто.
Трошоците за раскопување на патиштата со цел поставување оптички кабли изнесуваат околу 80 % од вкупните трошоци за поставување мрежи за брз широкопојасен интернет. Со денешниот предлог компаниите можат да заштедат од 40 до 60 милијарди евра.
Брзиот широкопојасен интернет е столбот на телекомуникациските компании и поширокиот Единствен дигитален пазар кој Комисијата се обидува да го изгради. Неговото воведување во моментот е забавено поради повеќе правила и административни практики на национално и суб-национално ниво. „Во повеќето места, сегашните правила ја попречуваат конкурентноста на Европа“, изјави Нели Крос, потпретседателот на Европската комисија.
Денешната нацрт-регулатива се базира на најдобрите тековни практики во Германија, Шпанија, Франција, Италија, Литванија, Холандија, Полска, Португалија, Словенија, Шведска и Обединетото Кралство, но организациските прашања ги остава во надлежност на земјите-членки.
Нели Крос изјави: „Сите заслужуваат брз широкопојасен интернет. Сакам да се справиме со бирократијата која нè спречува во нашите планови. Европската комисија сака да овозможи побрзо и поевтино воведување на широкопојасниот интернет“.
Правилата ќе бидат директно применливи во ЕУ откако ќе се постигне договор меѓу Европскиот парламент и Советот.
Комисијата сака да се справи со четирите главни проблематични области:
Да обезбеди дека новите или реновирани згради се подготвени за поставување брз широкопојасен интернет.
Да овозможи пристап до инфраструктурата под разумни и фер услови; на пр. цена, пристап до постојни канали, шахти, столбови, предаватели, антенски инсталации, кули и други придружни објекти.
Да стави крај на недоволната координација на градежните работи, овозможувајќи му на секој мрежен оператор да преговара за договори со другите даватели на инфраструктурни услуги.
Да го поедностави комплексното издавање дозволи и да го скрати времето за нивно доделување, особено кога станува збор за предаватели и антени, доделувајќи или одбивајќи дозволи во стандарден рок од шест месеци и дозволувајќи да се поднесуваат барања преку една единствена точка за контакт.
Во моментов, нема доволна транспарентност на постојната физичка инфраструктура погодна за воведување широкопојасен интернет и нема соодветни најчесто користени правила за воведување широкопојасен интернет во ЕУ. Моментално не постои пазар за физичката инфраструктура ниту потенцијал за користење на инфраструктурата во сопственост на други комунални претпријатија. Прописите во одредени земји-членки дури и ги обесхрабруваат комуналните претпријатија да соработуваат со телекомуникациските оператори.



