Минатата недела, Европската комисија го одржа првиот од серијата состаноци за консултации со различни групи чинители околу ревизијата на озлогласената Директива за задржување податоци.

Првата средба беше со „граѓанското општество“, вклучувајќи претставници на индустријата и една компанија за лобирање, кои застапуваа неодредени клиенти.

Средбата првично беше наменета за осврт на деталите во Директивата. Сепак, претставниците на граѓанското општество во голема мера зазедоа став дека било невозможно да се има кохерентна дискусија за самата Директива ако земјите-членки не успеат да обезбедат веродостојни податоци до Комисијата за процесот на донесување одлуки. Како што беше потврдено со извештајот на Комисијата за спроведувањето, едноставно нема доволно податоци од земјите-членки за да се покаже дека Директивата е „неопходна“ (минималниот услов за таа да биде легална).

Учесниците на средбата сметаа дека ако Комисијата е принудена да ја брани Директивата со анегдоти за користењето на податоци кои би биле задржувани дури и во отсуство на оваа Директива, целиот процес, вклучувајќи ги и консултациите, би бил нарушен. Конкретно, учесниците побараа Комисијата да користи само информации од земјите-членки во врска со податоците кои се чуваат согласно Директивата. Исто така, постарите податоци треба да се сметаат за „потребни“ само ако доцнењето со пристап до податоците можело да се избегне преку подобра соработка на полицијата.

Комисијата побара експерт од Советот на Европа да го претстави ставот на полициските агенции за придобивките од задржувањето и зачувувањето податоци. Експерт од српската полиција објасни дека долгорочното задржување податоци е единственото решение и ја спореди пропорционалноста на задржувањето огромни количини на податоци за невините и неосомничени граѓани со пребарувањето на Дунав за да се пронајде мртво тело. „Фактот што реката е голема не е причина да не се најде телото“. Не е јасно кого овој стручњак го претставуваше на средбата.

И покрај тоа, општиот впечаток беше дека состанокот е продуктивен. Загриженоста на учесниците беше земена предвид од Комисијата, која ќе ги пренесе барањата на своите средби со органите на прогонот и комуникациската индустрија. Учесниците исто така ја поздравија подготвеноста на Комисијата да потврди дека политичките одлуки се земени предвид и ветувањето на Комисијата дека ќе се изврши сериозна процена на зачувувањето податоци при наредната процена на влијанието.

Комисијата има незавидна задача да се обиде да ги извлече потребните податоци од земјите-членки и веројатно невозможна задача да креира ревидиран предлог, кој е и законски и кој нема да заврши собирајќи прашина на некоја полица во Советот на министри откако ќе добие вето од одредени големи земји-членки.

Извор: ЕДРИ-грам „European Commission consults with civil society on data retention“ бр. 9.12, 15 јуни, 2011.