На 26 март, 2009 г., Европскиот парламент со изразено мнозинство изгласа поддршка на извештајот Ламбринидис за заштита на индивидуалните слободи на интернет, одбивајќи ги измените и дополнувањата предложени од француската влада и индустријата за авторски права.
Ставот на Европскиот парламент е дека „гарантирањето на интернет пристап за сите граѓани е исто како да им гарантирате на граѓаните пристап до образование“ и дека „таквиот пристап не смее да се одбие како казна за владите или приватните организации“. Членовите на парламентот бараат од земјите-членки да „потврдат дека интернетот може да биде исклучителна можност за подобрување на активното учество на граѓаните и дека, во овој поглед, пристапот до мрежите и содржините е еден од клучните елементи; тие препорачуваат дека ова прашање треба да биде понатаму развиено врз основа на претпоставката дека секој има право да учествува во информатичкото општество и дека институциите и засегнатите страни на сите нивоа имаат општа одговорност да помагаат во овој развој, осврнувајќи се на двата нови предизвици (е-неписменост и демократската исклученост во електронското доба“).
Со извештајот усвоен од европарламентарците се признава потребата од обезбедување безбедносни мерки за заштита на интернет корисниците, а особено децата, поради ризиците на кои може да се изложат корисниците на интернет а кои може да се користат како алатка за криминалци или терористи. Со извештајот се предлага преземање мерки против компјутерските криминалци, но истовремено се бара рамнотежа помеѓу безбедноста на интернет и гаранцијата за фундаменталното право на приватност на интернет корисниците. Членовите на Европскиот парламент апелираат до земјите-членки да го заштитат „почитувањето на приватниот живот, заштитата на податоци, слободата на говор и здружување, слободата на печатот, политичкото изразување и учество, недискриминацијата и образованието. (…) Имајќи го предвид глобалниот карактер на интернетот, членовите на Европскиот парламент препорачуваат земјите-членки и Европската комисија да подготват регулативи за заштита на податоците, безбедност и слобода на говорот, со цел да се заштити приватноста на интернет корисниците,“ се вели во препораката на Европскиот парламент.
Европскиот парламент исто така ги упатува земјите-членки да ја земат предвид „важноста на анонимноста, користењето псевдоними и контролата на токовите на информации за приватност и фактот дека на корисниците треба да им се обезбедат, и да се едуцираат за средствата за нејзина заштита, на пример преку разните достапни технологии за заштита на приватноста. Со препораката се бара од земјите-членки да ги идентификуваат сите ентитети кои користат надзор на интернет и да подготват јавно достапни годишни извештаи за надзорот на интернет со што се обезбедува законитост, пропорционалност и транспарентност.
Според мислењето на Европскиот парламент, мора да се обрне внимание на „неутралноста на мрежата, интероперабилноста, глобалната пристапност на интернет мрежата, и употребата на отворени формати и стандарди“. Европскиот парламент исто така го покренува прашањето за согласноста на интернет корисниците за давање на лични информации на Владите или приватните компании, обрнувајќи внимание на нерамнотежата на преговарачката моќ помеѓу корисниците и институциите. Ставот на европарламентарците е дека корисниците треба да имаат право засекогаш да ги избришат сите нивни лични податоци зачувани на „интернет веб-сајтови или на кој било друг медиум на трети страни“.
Со отфрлањето на измените и дополнувањата за извештајот поднесени од Франција, Европскиот парламент повторно го одби и предлогот за воведување „пристап со три предупредувања пред исклучување“ што Франција толку упорно го туркаше. Европскиот парламент смета дека при заштитата на правата на интелектуална сопственост не треба да се користи „систематски надзор и набљудување на активностите на сите корисници на интернет“ и дека казните треба да бидат пропорционални со направените прекршоци.
Европскиот парламент исто така јавно го поддржува „Законот за права на интернет“ и промоцијата на принципот „вклучување на приватноста од самиот почеток“.
Recommendation on Security and fundamental freedoms on the Internet (26.03.2009)
http://www.europarl.europa.eu/news/expert/infopress_page/017-52613-082…
EP recommendation on Strengthening security and fundamental freedoms on the Internet (26.03.2009)
http://www.europarl.europa.eu/sides/getDoc.do?pubRef=-//EP//TEXT+TA+P6…
Lambrinidis report: pro-copyright changes rejected (26.03.2009)
http://www.iptegrity.com/index.php?option=com_content&task=view&am…
The European Parliament rejects “graduated response”… for the third time (26.03.2009)
http://www.laquadrature.net/en/the-european-parliament-rejects-graduat…
Privacy and Fundamental Freedoms Put to Vote (27.03.2009)
http://lavasoft.com/mylavasoft/securitycenter/blog/privacy-and-fundame…
EDRI-gram: EP wants a better balance between Internet security and privacy rights (11.03.2009)
http://www.edri.org/edri-gram/number7.5/ep-balance-security-privacy



