Апсурдните напори на одредени компании да го цензурираат интернетот веќе се сериозна причина за загриженост. Овој тренд уште повеќе загрижува кога таквото приватизирано цензурирање добива политичка поддршка.

Следната недела, Европскиот парламент ќе гласа за необврзувачка резолуција за поддршка на забраната на „сите форми на порнографија“ (став 17), чиешто регулирање на интернет ќе го вршат приватни компании (став 14).

Конкретно, ова би значело дека од Фејсбук и од други компании ќе се бара да ги регулираат комуникациите преку интернет. Тоа би изгледало вака:

  • Фејсбук забрани фотографија бидејќи неговиот софтвер за автоматско цензурирање погрешно регистрирал брадавица наместо лакт,
  • Фејсбук забрани фотографија од порцеланска кукла поради два дијаманти кои наликувале на брадавици,
  • Фејсбук ја забрани карикатурата „Адам и Ева“ во списанието New Yorker бидејќи две од точките во карикатурата наликувале на брадавиците на Ева (точките за брадавиците на Адам се прифатливи, според условите за користење на Фејсбук!)
  • Фејсбук забрани цели страници за поддршка на жени-доилки, бидејќи истите се сметаа за „непристојни“.

Поточно, предлогот:

  • бара од Европската комисија да преземе мерки за забрана на „сите видови порнографија“ (врз основа на чија дефиниција? Покривање голотија во филмови или други уметнички дела? Никој не знае).
  • бара (како ACTA) регулирање на слободата на комуникација на интернет од страна на приватни компании, што се коси со владеењето на правото. Резолуцијата предлага спроведување на „полова еднаквост“ преку „Повелба кон која ќе треба да се придржуваат сите интернет-оператори“.

За среќа, доколку се усвои, нацрт-резолуцијата нема да биде правно обврзувачка. Резолуцијата е исклучително лошо подготвена и речиси сигурно премногу апсурдна за да се сфати сериозно. Сепак, важно е Европскиот парламент да не го поткопува сопствениот кредибилитет со такви предлози. Исто така, важно е да не ја поддржи приватизацијата на регулирањето на слободата на говорот.

Гласањето е во вторник (12-ти март, 2013 г.)

Извор: ЕДРИ-грам „European Parliament considers a ban on “all pornography”, policed by private companies“ 7 март, 2013.