По оваа одлука, се очекува британската влада да го промени сегашното законодавство коешто дозволува полицијата да задржува примероци од клеточно ткиво, отпечатоци и ДНК профили на неосудувани лица.
На 4 декември, 2008 г., Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) донесе пресуда за случајот Марпер поврзан со контроверзната национална база на податоци на ДНК користена во криминални истраги од британската полиција.
Во пресудата е наведено дека задржувањето на примероци од клеточно ткиво, отпечатоци и ДНК профили претставува прекршување на правото на приватен живот според член 8 од Европската конвенција за човекови права.
Случајот беше изнесен на суд во 2004 г. од Мајкл Марпер и едно момче со алијас „С“ на кои во одделни, неповрзани случаи, по нивното апсење им беше земен примерок од ДНК. Во двата случаи лицата беа ослободени од обвинението, но полицијата во Велика Британија одби да ги уништи примероците на ДНК од двете лица водејќи се според британскиот закон кој овозможуваше задржување на ДНК и отпечатоци.
ЕСЧП ја донесе својата одлука врз основа на член 8 од Европската конвенција за човекови права и одлучи дека задржувањето на неопределено време на ДНК и отпечатоци на невини лица од страна на властите и полицијата во Велика Британија е незаконско. „Во заклучокот, Судот утврди дека со несистематското и произволно задржување на отпечатоци, примероци од клеточно ткиво и ДНК профили на лица кои се осомничени но неосудувани, како во случајот на гореспоменатите, не се постигнува доволна рамнотежа помеѓу конкурентните јавни и приватни интереси и дека во тој поглед државата ги прекршила правилата. Соодветно на тоа, задржувањето на податоците за коешто станува збор претставува мешање во правото на почитување на приватниот живот на лицето и тоа задржување е непотребно во едно демократско општество“.
Судот ги отфрли сите аргументи на британската влада, со образложение дека „Англија, Велс и Северна Ирска се единствените јуриздикции во Советот на Европа што дозволуваат задржување на неопределено време на отпечатоци и ДНК материјали од кое било лице на која било возраст осомничено за прекршок“. Судот изрази загриженост поради „ризикот од стигматизација, што произлегува од фактот дека лицата кои не биле осудени за каков било прекршок и кои имаат право на пресумпцијата на невиност, се третираат на истиот начин како осудените лица“, во пресудата се додава и дека особено штетно може да биде задржувањето на податоците на децата по ослободувањето од обвинението, „со оглед на нивната чувствителна положба и важноста на нивниот развој и интеграцијата во општеството“.
По оваа одлука, се очекува британската влада да го промени сегашното законодавство коешто дозволува полицијата да задржува примероци од неосудувани лица.
Според извештаите, во моментот повеќе од 5 милиони примероци се чуваат во базата на податоци со ДНК во Обединетото кралство, од кои 573.639 до 857.366 им припаѓаат на лица без криминално досие. Создавањето на базата на ДНК податоци беше оспорено од многу луѓе. Канцеларијата на Комесаријатот за информации минатата година издаде соопштение во врска со ова прашање, предупредувајќи за опасностите од таквата база на податоци: „Постојат сериозни ризици поврзани со создавањето на универзална база на податоци: би било многу интрузивно, а колку повеќе информации се собираат за нас, толку е поголем и ризикот за погрешни резултати и други грешки. Не смееме да ја потцениме можноста за техничка или човечка грешка што би довела до сериозни последици“.
Доминик Грив – иследникот на министерот за внатрешни работи исто така предупреди за опасностите од можноста да се пребаруваат чувствителни лични информации во базата на податоци од страна на земјите-членки на ЕУ. „Постои реален ризик непропорционален број на невини британски граѓани да бидат вовлечени во странски криминални истраги“.
(Домот на лордовите усвои измена и дополнување на Законот за борба против тероризмот, предложена на 4 ноември од бароницата Хенам што би ја принудила владата да им покаже на луѓето на кој начин можат да ги отстранат нивните примероци од базата на податоци). Исправка – Овие измени и дополнувања на крајот не беа усвоени од британскиот парламент. Законот беше усвоен како Закон за антитероризам од 2008.
Еден можен пристап на британската влада, што ЕСЧП би можел да го прифати, е пристапот на шкотската полиција. Според шкотскиот Закон за кривична постапка, примероците од ДНК на некое лице и соодветниот профил може да се уништат доколку лицето не е осудено или е целосно ослободено од обвинението. Сепак, биолошките примероци и профили може да бидат задржани три години доколку тоа лице е осомничено за одредени прекршоци – сексуални престапи или престапи поврзани со насилство дури и доколку лицето не е осудувано.
S. and Michael Marper v. The United Kingdom (DNA Retention) (28.05.2008)
DNA retention policy breaches human rights, rules ECHR (4.12.2008)
Lords demand amendment to help the innocent get DNA off database (6.11.2008)
Don't delay: Delete your DNA today(17.12.2008)
EDRi-gram: UK DNA database errors raise concerns (5.07.2007)
Извор: EDRI-gram "ECHR decided against the UK DNA Database" бр. 6.24, 17 декември, 2008.