Рускиот премиер Владимир Путин им наложи на федералните државни агенции да се префрлат на слободен софтвер со отворен код до 2015 година. На 17 декември, 2010г., Путин потпиша план „за миграција на федералните извршни тела и агенции кон слободен софтвер“.
Миграцијата ќе започне оваа година преку федералниот центар за поддршка. По летото ќе почнат да се користат првите апликации базирани на слободен софтвер со отворен код на серверите и десктоп системите. Прва институција што ќе започне со користење на овие апликации ќе биде Министерството за комуникации. Други владини институции се исто така повикани да учествуваат во оваа прва фаза.
Половина година подоцна, со планот се предвидува формирање складиште за апликации базирани на слободен софтвер со отворен код кои се користат од страна на федералните јавни администрации.
Според извршната наредба на Путин, сите федерални институции ќе почнат да користат слободен софтвер со отворен код кон крајот на 2014 година. Во третото тромесечје ќе се префрлат податоците од „претходно користените ИТ системи“.
Независност од добавувачите
Експертот Евгениј Морозов, пишува во „Волстрит џурнал“ дека заштедата на трошоци за неслободен софтвер е само една од причините за миграцијата. „Мотивите на г. Путин не се само економски. Неговите стравувања се должат на сè поголемата зависност на Русија од неслободниот софтвер, особено програмите продавани од странски добавувачи, што има огромни импликации за националната безбедност на земјата“.
Други извори укажуваат дека неколку месеци претходно, лица блиски до премиерот започнале да инвестираат во компании за софтвер со отворен код. Според извештајот на Cnews, поранешниот министер за комуникации Леонид Рајман е еден од руските бизнисмени кои преку инвестицискиот фонд NGI минатото лето стекнале удел во францускиот провајдер на услуги за Линукс – Мандрива.
Во исто време, Russian Technologies, државна холдинг-компанија на чело со Сергеј Чемезов купи голем удел во AltLinux, еден од најголемите руски провајдери на ИТ услуги од областа на софтвер со отворен код. Рускиот дневен весник „Комерсант“, ја цитираше изјавата на претставникот на Russian technologies, кој објасни дека компанијата има намера да ги развива постојните проекти на AltLinux во областа на образование и е-власт.
Извор: OSOR.eu “Federal administrations in Russia told to move to open source” 14 јануари, 2011.



