Владата на Финска треба да го направи сиот софтвер развиен за јавната администрација достапен како слободен софтвер со отворен код, велат претставниците на компаниите за слободен софтвер од Финска.
Финскиот Центар за отворени системи и решенија овој месец испрати писмо до Министерството за финансии, во кое апелира до Министерството да го вклучи овој принцип во својата нова стратегија за ИКТ.
Здружението пишува: „Кога јавните средства се користат за плаќање програмери кои развиваат софтвер, договорот треба да осигури дека клиентот ќе добие доволно широк пристап до софтверот за понатамошен развој од страна на интерни програмери или од трета страна. (Како прашање на принцип), јавно финансираните софтверски компоненти и софтвер треба да се објавуваат под лиценца за слободен софтвер“.
Еден од авторите на писмото, Мати Састамоинен, коментира: „Како што и Обединетото Кралство неодамна одлучи, сакаме владата да користи отворени стандарди со цел да се постигне интероперабилност. Како и во Обединетото Кралство, владата треба да го земе предвид целиот животен циклус на софтверот, вклучувајќи ги и дополнителните трошоци“.
Организацијата која претставува 110 даватели на IT-услуги базирани на слободен софтвер, ги постави истите три аргументи на Otakantaa, владиниот интернет-форум за дискусија околу политики и нацрт-политики.
Новата стратегија за ИКТ за јавната администрација ја објави финскиот министер за јавна администрација и локална самоуправа, Хена Виркунен, на 17-ти октомври годинава. Здружението упати пофалби до министерот за новите планови. „Имајќи ги предвид овие три забелешки, сметаме дека ова е добра нацрт-стратегија“.
Слободниот софтвер не се споменува никаде во стратегијата. Меѓутоа, во нацртот пишува дека „сите органи од јавниот сектор мораат, секаде каде што тоа е применливо, да ги користат постојните отворени решенија и заеднички услуги“. Во изминатите недели Министерството сè уште не одговори на прашањата дали тоа важи за слободниот софтвер.
Извор: OSOR.eu „Finnish government should make software available as open source“