На 26-ти август 2013 година, финскиот Врховен суд пресуди дека е легално да се цензурира веб-локација на која се наведени имиња на домени на веб-локации кои во моментот се блокирани, дури и ако самата веб-локација не хостира или не поставува врски до нелегални содржини.
Пресудата се донесе во случајот со веб-локацијата lapsiporno.info во сопственост на Мати Ники која беше додадена од страна на финската полиција во списокот со веб-локации кои треба да се филтрираат бидејќи содржеле блокирани врски. Мати ја оспори оваа одлука на суд и во 2011 година Хелсиншкиот суд пресуди дека неговата веб-локација не треба да се блокира. Сепак, оваа одлука сега беше поништена од страна на Врховниот суд кој тврдеше дека во овој случај, обврската на општеството „да се заштитат децата“ била поважна од слободата на говорот.
Целта на веб-локацијата беше да ги истакне недостатоците во таинствениот фински систем за филтрирање детска порнографија и да покаже дека тајните иницијативи за блокирање не се најдоброто решение во справувањето со детската порнографија на интернет. „Јас сметам дека цензурата не е решение за детската порнографија и всушност верувам дека таа само ќе ја влоши ситуацијата, бидејќи ќе им даде причина на инволвираните да ја зајакнат нивната безбедност и анонимност“, рече Мати.
Бидејќи процесот на блокирање веб-локации е таен, а списокот со блокирани веб-локации никогаш не бил официјално објавен јавно, Мати на својата веб-локација вклучи и стотици URL-адреси кои се блокирани со филтерот. Тоа беше причината за одлуката на Врховниот суд. Аргументот на судот беше дека со тоа што му дозволува на lapsiporno.info да остане пристапен, другите веб-локации би можеле да ја заобиколат блокадата со додавање нелегални содржини на нивните веб-локации. Судот го одби аргументот дека веб-локацијата не е опфатена со законодавството за блокирање, кое се однесува само на странските веб-локации, бидејќи истата наведува домени на странски веб-локации.
Не беше важно ни тоа што веб-локацијата на Ники е хостирана во Финска. Судот сметаше дека со самото тоа што содржи врски до странски веб-локации со детска порнографија, законите треба да важат и за веб-локацијата на Ники.
Затоа, веб-локацијата ќе остане блокирана од повеќето интернет-провајдери во Финска. Сепак, ќе биде достапна за остатокот од светот , хостирана на фински опслужувач.
Случајот претставува опасен преседан. Врз основа на аргументацијата во овој случај, секоја веб-локација што спомнува друга, наводно „нелегална“ веб-локација може да заврши на список за филтрирање.



