Повеќе од 1.000 претставници од владиниот, приватниот и граѓанскиот сектор, како и од академските и научни заедници се очекува да присуствуваат на вториот Форум за интернет владеење, кој ќе се одржи од 12 до 15 ноември, 2007г., во Рио де Жанеиро.

Учесниците ќе водат интерактивна дискусија за голем број прашања од областа на интернет владеење. Слободата на изразување, компјутерскиот криминал, безбедноста, приватноста, отворените стандарди, цената на пристап, повеќејазичноста и разновидноста, мерките против детската порнографија и заштитата на децата од експлоатација се некои од темите за кои ќе се дискутира.

Овој собир на кој учествуваат многу заинтересирани страни обезбедува уникатна можност учесниците да споделат информации, искуства и најдобри практики, со што тие може да имаат подобро разбирање околу тоа како може да се насочи целосниот потенцијал на интернетот во корист на сите нации. Широкиот мандат на Форумот им овозможува на учесниците да разговараат за кое било прашање поврзано со интернет владеењето, вклучувајќи ги можните примени и злоупотреби на интернетот. Форумот за интернет владеење не е традиционално преговарачко тело, туку иновациска отворена трибина за дијалог околу политиките.

Главната тема на форумот ќе биде „Интернет владеење за развој“. Агендата е поделена на пет широки теми:

•    Важни интернет ресурси – Инфраструктура и раководење со важните ресурси како системот на имиња на домени и адресите на интернет протоколите.
•    Пристап – Интернет поврзливост: политики и трошоци.
•    Разновидност – Промоција на повеќејазичност и локални содржини
•    Отвореност – Слобода на изразување; слободен проток на информации; еманципација и пристап до знаење
•    Безбедност – Создавање на доверба преку соработка

На настанот му претходеше состанок на советот на АПЦ (Здружението за прогресивни комуникации чијшто член е фондацијата Метаморфозис).
Учеството на Метаморфозис на форумот е поддржано од АПЦ. Метаморфозис учествуваше и на првиот Форум за интернет владеење во Атина во 2006 г.

 Повеќе информации за настанот