Франција и Тунис потпишаа заедничка декларација за владина соработка во доменот на софтверот со отворен код, со која се предвидува планирање на првите француско-туниски состаноци за софтвер со отворен код кои ќе се одржат во Тунис во текот на есента во 2011 година.

Ерик Бесон, францускиот министер за индустрија, енергетика и дигитална економија оствари официјална посета на Тунис на 4 Јули 2011 г. што резултираше со соработка меѓу двете земји во областа на софтверот со отворен код.

Беше потпишан договор за воспоставување на туниски еквивалент на француската програма „Пасош за дигиталната економија“. Оваа програма, со која се обучуваат микро-претпријатија и мали и средни претпријатија за употреба на ИКТ беше успешно имплементирана во Франција. Целта е да се оптимизира растот на овие претпријатија преку нивно вклучување во интернет-економијата. Франција ќе додели 30.000 евра за пренесување искуства и за адаптација кон окружувањето во Тунис.

Идејата за зајакнување на соработката не е сосема нова. На 9 мај, на трговскиот саем за Линукс решенија 2011 во Париз, г. Бесон и државниот секретар на Тунис за технологија Адел Галул веќе го најавија создавањето работна група за француско-туниска индустриска соработка во областа на слободниот софтвер, со комбинирање на двете министерства, француската федерација за слободен софтвер и Здружението на Тунис за софтвер со отворен код.

Според соопштението за печат издадено на 10 мај 2011 г. од страна на Министерството за индустрија, енергетика и дигитална економија, работната група ќе дава препораки за:

  • промовирање инвестиции;
  • развој на заеднички проекти на Франција и Тунис;
  • олеснување стажирања за туниските студенти во Франција како дел од нивната подготовка за професионална интеграција во Тунис;
  • спречување на одливот на мозоци преку мобилизација на експерти од Тунис во нивната земја;
  • размена на искуства за е-власт.

Извор: OSOR.eu „FR/TN: France and Tunisia to cooperate in Open Source Software“ 3 август, 2011.