Француската јавна администрација ќе се обучува како правилно да набавува ИТ-решенија.
Француската асоцијација за промовирање на слободен софтвер со отворен код (April) и Националниот совет за слободен софтвер (CNLL), група која ги претставува француските даватели на услуги базирани на софтвер со отворен код, минатиот четврток најавија кампања за подигнување на свеста за незаконските ИТ-набавки.
Двете организации соопштија дека ќе ја започнат својата кампања за време на состанокот на претставници на француските локални администрации што ќе се одржи следната недела во Париз на тридневната конференција „Состанок на градоначалниците и локалните власти“.
Според групите за застапување, голем број ИТ-тендери нелегално ја попречуваат конкуренцијата со барање конкретни софтверски решенија, трговски марки или технологија.
„Овие незаконски тендери носат негативни последици за целото стопанство“, изјави Патрис Бертран, портпарол на CNLL.
„Не само што со нив не се земаат предвид давателите на услуги базирани на софтвер со отворен код, туку и ги лишуваат граѓаните од решенија кои би можеле да одговараат на нивните потреби повеќе“.
Според CNLL, јавната администрација на Франција за јавни набавки троши една десетина од БДП на земјата. „Затоа е важно да ги почитуваат правилата“.
Асоцијацијата April, користејќи податоци од истражување на Отворен форум Европа, вели дека при најмалку 20 проценти од сите тендери за ИТ се кршат правилата за јавни набавки со барање едно единствено решение или технологија. „Овие нелегални практики се штетни за конкуренцијата и со нив се исклучуваат давателите на услуги базирани на слободен софтвер“.
Пример за потенцијален проблем во јавните набавки е неодамнешната одлука на градот Марсеј за миграција на сите 5.000 десктоп компјутери на неслободен оперативен систем. Според главниот технички советник на градот, претстојниот тендер ќе биде во согласност со прописите за јавни набавки. Сепак, асоцијацијата April го критикуваше овој потег минатиот месец, соопштувајќи дека градската администрација едноставно бара понуди што се базираат на истиот неслободен систем.
Извор: OSOR.eu “FR: Advocacy groups campaing against discriminatory IT procurements” 20 ноември, 2010.



