Следниот месец, 32.000 деца на училишна возраст од регионот Лангдок-Русијон во Франција ќе бидат први низ училиштата во земјата што ќе користат лаптоп-компјутери на коишто претходно е инсталиран слободен софтвер и кои се интегрирани во националната мрежа за електронско образование.

Регионалната администрација додели буџет од 15 милиони евра за овој проект. На лаптоп-компјутерите е инсталиран Open Office, канцелариски пакет базиран на слободен софтвер и многу други бесплатни апликации со отворен код, вклучително и интернет-прелистувач и софтвер за мултимедија. Лаптопите се претходно конфигурирани да пристапуваат до капацитети за „клауд“ складирање, на корисниците им овозможуваат да плаќаат за своите школски оброци, да го организираат нивниот превоз до и од училиште и им помагаат на учениците да присуствуваат на културни и спортски активности.

Лаптоп-компјутерите ќе ги користат сите ученици што се запишуваат во прва година во јавните и приватни средни училишта во регионот.

Со лаптоп-компјутерите базирани на слободен софтвер, регионалните администрации сакаат да ги зголемат образовните можности за децата на училишна возраст и истовремено, да им понудат еднакви можности за пристап на сите ученици.

ENT (Дигитална околина за работа) е збирка од образовни структури создадени и распоредени од секој од 27-те региони во Франција. Регионот Лангдок-Русијон сепак ќе биде прв што ќе ја стави во употреба својата дигитална околина во сите училишта според соопштението за печат објавено од давателот на ИТ услуги „Бул“ во месец март.

Компанијата соопшти дека користи компоненти базирани на слободен софтвер, градејќи платформа околу порталот за слободен софтвер ESUP, кој веќе го користат универзитетите од Монпеље, главниот град на регионот.

Извор: OSOR.eu “FR: Free open source laptops for 32,000 students Languedoc-Roussillon” 31 август, 2011.