Франција ја објави бета-верзијата на владиниот веб-сајт за отворени податоци; data.gouv.fr.
По бранот нови владини веб-сајтови за отворени податоци низ светот и Стратегијата за отворени податоци на Европската комисија, францускиот портал за отворени податоци data.gouv.fr претставува чекор напред кон новиот модел на владеење кој има за цел да биде поотворен, партиципативен и насочен кон интернетот.
Почнувајќи од крајот на 2011 година, Франција се приклучи кон групата земји-членки на ЕУ кои имаат специјално наменет владин портал за отворени податоци. Меѓу земјите-членки на ЕУ кои веќе имаат отворено портали за отворени податоци се Обединетото Кралство (data.gov.uk), Белгија (data.gov.be) и Холандија (data.overheid.nl).
Data.gouv.fr има за цел да ја поттикне соработката и иновациите и да ја зголеми транспарентноста на власта со олеснување на пристапот и повторната употреба на информациите од јавниот сектор. Порталот ги соединува податоците од голем број државни агенции, меѓу кои и францускиот Институт за статистика (INSEE), повеќето министерства (за финансии, култура, итн), и неколку државни компании (на пр. француската железничка компанија SNCF).
Пример од околу 350-те илјади збирки со отворени податоци што се достапни на data.gouv.fr е списокот со повеќе од 3.000 железнички станици со географска локација, географската локација на сообраќајните незгоди; целосниот список со книги во Народната библиотека на Франција, францускиот државен буџет, итн.
Извор: Joinup „FR – France launches its open data portal – data.gouv.fr“ 23 јануари, 2012.



