Француската организација April за застапување за слободен софтвер и отворени стандарди го поздравува апелот на францускиот премиер до министрите да се обезбеди широка употреба на слободните и отворени формати во јавната администрација.

April нагласува дека слободниот софтвер овозможува ефикасна употреба на таквите формати. April целосно го поддржува апелот што премиерот Франсоа Фијон го упати на 31 август, 2011 г. на состанокот на Советот на министри во врска со слободните и отворени формати, во контекст на отворањето на владините информации. April смета дека овој потег соодветствува со определбата да се направат достапни јавните податоци. Организацијата ја искористи оваа прилика да нагласи дека слободниот софтвер овозможува ефикасно користење на слободните и отворени формати.

Слободните и отворените формати се дефинирани со Законот за доверба во дигиталната економија (бр. 2004-575) од 21 јуни 2004 година како: „сите интероперабилни податочни формати чиишто технички спецификации се објавени јавно и без ограничување на пристапот или имплементацијата“. Нивната широка употреба ќе го подобри пристапот до информации, континуитетот на податоците како и размената меѓу јавната администрација и граѓаните.

Користењето на отворени формати во јавната администрација, што е долгогодишно барање на April, би можело да биде извор на заштеди за властите. Со овозможување интероперабилност и намалување на ограничувањето со неслободен софтвер, отворените формати ќе им овозможат на властите при набавките да се стават во позиција да избираат каде да ги направат најдобрите ИТ инвестиции.

Во соопштението за печат објавено од April во 2009 г. е наведено дека Општата рамка за интероперабилност за јавната администрација и локалната самоуправа (RGI) предизвикала значителна забуна со мешањето на отворените и неслободните формати, што резултираше со зголемен ризик од ограничување со неслободни формати за јавната администрација.

April смета дека повикот на премиерот е враќање кон целта за вистински отворени и интероперабилни формати корисни за државните власти. Исто така, оваа одлука ја потенцира важноста на преиспитувањето на RGI со цел јасно да се редефинираат слободните и отворени стандарди за широка употреба во јавната администрација.

Напомена: оригиналниот напис на француски јазик е лиценциран под лиценцата Криејтив комонс Наведи извор – Сподели под исти услови 2.0.

Извор: OSOR.eu „FR: Prime Minister demands widespread use of free and open formats in government“ 15 септември, 2011.