На 29 мај 2012 година, во случајот изведен пред суд од страна на TF1 против Google, а во врска со неговиот сервис YouTube, Високиот суд на Париз пресуди дека YouTube е само сервис за хостирање и затоа не е обврзан да ја контролира содржината што ја објавуваат неговите корисници.
TF1 го тужеше Google во 2008 година за неколку извадоци од своите програми поставени на YouTube од страна на неговите корисници. ТВ-куќата бараше 141 милиони евра отштета за фалсификување, нелојална конкуренција и паразитизам.
„Тужениот не е одговорен за видео содржините на својот сајт, туку неговите корисници… и нема обврска да ја контролира содржината пред таа да се постави на интернет, доколку претходно ги информира корисниците дека објавувањето телевизиски емисии, музички спотови, концерти или реклами без претходна согласност на сопственикот не е дозволено“, се вели во одлуката на судот.
Судот ги отфрли сите тврдења на TF1 и побара од телевизискиот канал да плати 80.000 евра за судските трошоци на Google.
„Ќе продолжиме да се спротивставуваме на какви било барања за систематско филтрирање или претходно прегледување и контролирање на содржините на YouTube и убедени сме дека идните судски пресуди ќе бидат во насока на потребата да им се овозможи на иновациските веб-сервиси да се развиваат“, изјави Кристоф Милер, одговорен за партнерства на YouTube во Јужна Европа, Блискиот Исток и Африка.
Ова е добра вест за Google бидејќи компанијата немаше таква среќа и во Германија, каде што во април 2012 година судот донесе сосема спротивна одлука, според која YouTube е одговорен за содржината што неговите корисници ја поставуваат и треба да ги отстрани видеозаписите заштитени со авторски права или да плати авторски надомест.
Сепак, за одлуката на францускиот суд сè уште може да се поднесе жалба, бидејќи ја донесе првостепен граѓански суд во Париз.
- A Victory for the Web in France (29.05.2012)
- French court backs Google in TV piracy case (29.05.2012)
- EDRi-gram: YouTube loses a case in Germany to collective society Gema (25.04.2012)
Извор: ЕДРИ-грам „French Court considers YouTube non liable for the content“ бр. 10.11, 6 јуни, 2012.



