На 16 февруари, Националното собрание (Долниот дом на францускиот парламент), го усвои првиот нацрт на таканаречениот Закон Loppsi 2 со кој на властите им се овозможува да го контролираат интернетот под изговор дека тоа го прават за подобрување на безбедноста на граѓаните.
Со новиот закон не се опфатени само веб-сајтовите со детска порнографија, туку и долга црна листа од други видови на веб-сајтови коишто интернет провајдерите ќе мораат да ги блокираат. Листата со забранети веб-сајтови ќе ја обезбеди Министерството за внатрешни работи и би било „одговорност на секој интернет провајдер да обезбеди дека корисниците нема да имаат пристап до несоодветна содржина.“ Според членот 4 од предлог-законот, интернет провајдерите со кои ќе контактираат властите, мораат без одложување да ги блокираат сајтовите кои им биле посочени, под закана дека ќе бидат казнети со казна до 75.000 евра и една година затвор за нивните администратори во случај на непочитување на наредбата.
Со новиот закон, на француската полиција и безбедносните сили исто така им се овозможува да влезат во куќата на осомничениот и тајно да инсталираат софтвер за шпионирање на приватни компјутери, врз основа на судска одлука.
Loppsi 2 исто така содржи и други одредби, со кои се бара подобрена интероперабилност меѓу полициските датотеки и личните податоци кои ги чуваат институциите како што се банките и тројно зголемување на камерите за видеонадзор во Франција под изговор за „видео заштита“.
Европарламентарецот Сандрин Беје смета дека законот претставува „сериозна закана“ за неутралноста на интернетот. „Филтрирањето и блокирањето на интернетот стана стандардно оружје во арсеналот на законодавната власт која бесрамно манипулира со личните слободи, вели Сандрин Беје во едно интервју.
„Заштитата на детството бесрамно се експлоатира од Никола Саркози за да се воведе мерка која ќе доведе до дополнителна цензура и многу опасен тек на настаните. По Hadopi, следува Законот Loppsi: безбедносната машинерија на Владата ќе се ангажира во обид да се контролира интернетот, на сметка на слободите“, изјави Жереми Цимерман од La Quadrature du Net.
За нацрт-законот ќе има второ читање во Сенатот и, доколку се одобри, може да стапи во сила ова лето.
Францускиот Сенат, исто така, на 23 февруари 2010 година започна расправа за нацрт-законодавството за отворање на пазарот за коцкање на интернет, со што би се барало од интернет провајдерите да блокираат неовластени веб-сајтови за коцкање.
- France Moves Closer to Unprecedented Internet Regulation (17.02.2010)
- French Parliament approves Net censorship (11.02.2010)
- EDRi-gram: LOPPSI 2 French law – to block or not to block websites (27.01.2010)
Извор: ЕДРИ-грам „France’s Parliament pursues its goal to censor the Internet” бр. 8.4, 24 февруари 2010.



