Институтите за високо образование во Франција мора да ги нудат своите дигитални услуги и наставни материјали првенствено како слободен софтвер, одлучи францускиот парламент во вторникот попладне. Новиот закон за високо образование и истражување содржи член со кој слободниот софтвер добива приоритетност.
Минатиот месец, заедничката комисија на францускиот Сенат и Собранието веќе се согласи околу текстот на новиот закон. Тоа беше втор обид за три месеци да се донесе закон со кој на слободниот софтвер му се дава приоритетност. Нивниот прв обид да го додадат во планот за реорганизација на државните училишта беше значително преформулиран од страна на владата кога стана предмет на дискусија во Собранието. Овој пат Владата само може да се спротивстави или да ја прифати одредбата, но не и да ја промени.
Прв чекор
Linagora, компанија што обезбедува ИКТ услуги во врска со слободен софтвер, им се заблагодари на сенаторите и пратениците за нивните гласови. Во соопштението, директорот на компанијата Александар Заполски вели дека е неопходно јавните администрации да му дадат приоритет на слободниот софтвер. „Слободниот софтвер кореспондира 100 проценти со нивните вредности и цели“. Компанијата се надева дека и останатите владини институции ќе го следат овој чекор.
Групата за застапување за слободен софтвер April ја поздрави оваа одлука во своето соопштение. „За прв пат во Франција, приоритетноста на слободниот софтвер е вклучена во закон“. Групата додава дека многу придонела за дискусијата и го смета законот за прв чекор кон јавната политика во полза на слободниот софтвер. „Слободниот софтвер гарантира дека секој има пристап до информации и дека студентите не се само обични потрошувачи на дигитални производи“.
Извор: Joinup.eu „French parliament makes free software law for higher education“



