Француската влада треба да ги принуди јавните администрации да ги споделуваат и да ги употребуваат нивните ИКТ решенија повторно, препорачува Conseil National du Logiciel Libre (CNLL), трговската групација која застапува повеќе од 300 ИКТ фирми.

CNLL сака во идната политика за ИТ на француската влада да се вклучи задолжително користење на вистински отворените стандарди. „Јавната администрација во потрага по ИКТ решенија треба да претпочита слободен софтвер“.

Повиците за зголемена поддршка за иницијативите за слободен софтвер се дел од прегледот на двегодишното истражување на CNLL објавено на 24-ти јануари. Во прегледот насловен „Panorama de l’Open Source en France”, CNLL бара од француската влада да ја изрази својата наклонетост кон овој тип софтверски решенија во јавните тендери, слично како и другите земји.

Организацијата за застапување ги поздравува насоките за слободен софтвер од минатиот септември. „Тоа е голем чекор кој го поздравија сите професионалци”, пишува CNLL. Организацијата би сакала владата да го прошири опсегот на овие насоки, за да ги направи помалку доброволни, а повеќе задолжителни.

Брз раст

Прегледот укажува на забрзан економски раст кај француските компании за слободен софтвер. Бројот на фирми се зголеми за 68 отсто минатата година, а CNLL очекува уште побрзо зголемување оваа година. Бидејќи нејзините членови предвидуваат проблеми со регрутирањето нови членови, CNLL апелира за зголемување на заложбите во едукацијата за слободен софтвер. „Нејзината отвореност и соработка се во согласност со научната методологија. Најдобриот софтвер во светот може да се изучува и студентите можат да придонесат“.

CNLL ќе ги презентира резултатите од истражувањето во текот на овој месец.

Извор: Joinup.eu „French free software firms want a government policy on sharing and re-use“ 13 февруари, 2013.