На француските интернет корисници наскоро може да им биде побарано да инсталираат шпионски софтвер на своите компјутери со кој ќе се следат нивните навики за пребарување на интернет и ќе се анализираат апликациите инсталирани на нивните компјутери, со цел да се спречи „пиратеријата со споделувањето на датотеки“.

HADOPI (францускиот орган за имплементација на Законот за 3 предупредувања пред исклучување од интернет) не го објави јавно документот за нацрт-спецификациите за безбедносните мерки за интернет (дел од системот со три предупредувања), иако документот требаше да претставува основа за јавните консултации.

Сепак, под изговор дека тоа е нацрт-документ, органот решил да го третира документот како доверлив. Веб-сајтот Numerama.com го направил документот достапен за јавноста водејќи се според правото на информирање и имајќи предвид дека јавната консултација треба да се базира на јавен наместо таен документ.

Според документот, на француските интернет корисници наскоро може да им биде побарано да инсталираат шпионски софтвер на своите компјутери со кој ќе се следат нивните навики за пребарување на интернет и ќе се анализираат апликациите инсталирани на нивните компјутери, со цел да се спречи „пиратеријата со споделувањето на датотеки“.

Законот за три предупредувања пред исклучување стапи во сила во јуни 2010 година и сè уште е нејасно какви технички мерки ќе се користат при неговата примена. Според документot, шпионскиот софтвер на HADOPI, кој би можел да биде вклучен во антивирусна програма и/или софтвер за родителска контрола, ќе го следи користењето на интернет на одреден компјутер запишувајќи ги информациите во датотека којашто ќе содржи јасен текст, како и во енкриптирана датотека, која би можела да биде испратена до Hadopi во случај на жалба.

Датотеките кои ќе треба да се чуваат шифрирани една година, ќе содржат детални информации за датумот и времето кога одредени апликации биле стартувани и при пребарувања на зборови од црната листа.

Ќе има неколку типа на листи, како што се црната листа на веб-сајтови забранети со судски налог, сива листа на сомнителни апликации, сива листа на сомнителни клучни зборови и бела листа на сајтови кои не се косат со законот.

Во документот се наведува дека соодветното решение треба да има минимално влијание врз перформансите на опремата, да биде лесно за инсталација и користење, да биде достапно под лиценца за софтвер со отворен код на сите оперативни системи и да не дозволува пренос на податоци до трети лица. Ќе биде забрането водење на евиденција за посетените веб-сајтови или историјата на преземања. Исто така, користењето на софтверот ќе треба да биде доброволно, а корисниците ќе имаат можност и да ја оневозможат апликацијата, доколку посакаат.

La Quadrature du Net го осуди предлогот, а нејзиниот портпарол Џереми Цимерман изјави дека било загрижувачки што „владата може сериозно да ги земе предвид овие функции на датотеките за следење, и да снима и најмали факти и гестови изразени од корисниците, и да го прошири системот на сите уреди во иднина“.

HADOPI одлучи да го образложи системот за три предупредувања со дистрибуција на 260.000 информативни флаери за време на викендите (20-22 и 27-29 август) на возачите кои се враќаа од нивниот годишен одмор, на патарините низ Франција.

Извор: ЕДРИ-грам “French authority wants users to install spyware on their computers” бр. 8.16, 25 август, 2010.