Француското министерство за внатрешни работи вели дека користењето на Thunderbird, (клиентот за е-пошта базиран на слободен софтвер инсталиран на 200.000 персонални компјутери од 2008 година досега) е пет пати поевтино отколку користењето на сеприсутната комерцијална алтернатива.
Министерството неодамна започна да ја користи комбинацијата од GLPI и OCS, алатки базирани на слободен софтвер за управување со компјутерски средства, софтверски лиценци и конфигурациски датотеки. „Оваа алатка е 10 пати поевтина од претходната комерцијална алатка“.
Во вторникот минатата недела, министерството одговори на прашањата на француската пратеничка во ЕП, Изабел Атард (Европска екологија – Партијата на зелените). Во мај, таа од сите министерства на Франција побара информации за нивното спроведување на насоките на владата за употребата на слободен софтвер, под називот „Circulaire Ayrault“.
Слично на претходните одговори доставени од другите министерства, министерството за внатрешни работи објаснува дека не е лесно да се одреди трошокот и вредноста на употребата на слободниот софтвер. Осврнувајќи се на неговата употреба на клиентот за е-пошта Thunderbird, приклучокот OBM и GLPI / OCS, министерството вели „Сепак, се остварија големи заштеди за некои од нашите главни активности“.
Министерството објави дека користи оперативни системи базирани на слободен софтвер за своите опслужувачи и за управување со ИТ. Го користи и системот за управување со релациони бази на податоци PostgreSQL за своите бази на податоци, како и на десктоп-компјутерите, а користи и пакети за канцелариска продуктивност, а сите тие придонесуваат за значителни заштеди.
Извор: Joinup.eu „French Interior Ministry: open source 5 to 10 times cheaper“ 21 октомври, 2013.



