Германската работна група за задржување на податоците (AK Vorrat) соопшти дека Управниот суд во Вајзбаден заклучил дека сеопфатното снимање на податоците за комуникациите на целото население преку телефон, мобилен, е-пошта и интернет е несразмерно.

Во одлуката на судот се вели „задржувањето на податоците го прекршува основното право на приватност. Тоа не е потребно во демократско општество. Поединецот може да стравува од ризиците од злоупотреба и чувството дека е под надзор. (…) Директивата (за задржување на податоци) не го почитува принципот на пропорционалност гарантиран со член 8 од Европската конвенција за човекови права, и поради тоа е неважечка“.

AK Vorrat, која исто така ја иницираше уставната жалба против германскиот закон за задржување на податоци, ја искористи оваа можност да се осврне на уште едно стравување за дигиталните граѓански права: владин проект со кој ќе им се овозможи на интернет провајдерите да ги снимаат навиките на луѓето за сурфање на интернет. За проектот се дебатираше на 19 март во германскиот Бундестаг при т.н. прво читање во парламентот

Започната како проект за подобра заштита на компјутерските мрежи од секакви напади преку интернет, новата нацрт-верзија беше критикувана од Комесарот за приватност на Сојузната влада, Питер Шар, според кого нацрт-верзијата требало да се ревидира, а неколку законски одредби требало да се разјаснат.

Нацрт-верзијата исто така содржи измена и дополнување на Актот Телемедија, којшто им овозможува на давателите на услуги, кои користат податоци што им е дозволено да ги чуваат и обработуваат во законски цели, да ги користат информациите за идентификување на навиките за сурфање на интернет. Измената се оправдува со потребата за заштита од малициозен софтвер и други слични закани.

„Апелираме до сите граѓани да контактираат со пратениците за да протестираат против предложеното задржување на податоци за навиките на сурфање на интернет,“ вели Вернер Халсман, член на бордот на форумот на информатичари за мир и општествена одговорност, кој активно работи во Работната група за задржување на податоците.

„Неодамнешното критикување од страна на Сојузниот министер за внатрешни работи Волфганг Шобл (CDU) за прелиминарната одлука на Уставниот суд околу задржувањето на податоците покажува дека оваа манија на надзор нема граници“, критикува Патрик Брејер од Работната група за задржување на податоци. „Не е ‘работа на парламентот’ да прави ерозија на нашите уставно загарантирани права штитејќи нè од грешки и злоупотреби од властите. Итно треба да основаме Агенција за фундаментални права којашто систематски и научно ќе ја провери ефективноста, трошоците, негативните ефекти на сите постоечки овластени органи и програми на безбедносните органи, како и нивните алтернативи и компатибилност со нашите фундаментални права“.

И покрај разните обиди низ Европа за укинување на задржувањето на податоците, датумот 15 март, 2009 г., наметнат со Директивата на ЕУ за задржување на податоците, го одбележува почетокот на прибирањето и чувањето на комуникациски податоци од страна на интернет провајдерите во неколку Европски земји.

Administrative Court: Data retention is “invalid” (16.03.2009)
http://www.vorratsdatenspeicherung.de/content/view/301/1/lang,en/

Video: Bundestag debates draft law (only in German, 25.03.2009)
http://www.vorratsdatenspeicherung.de/content/view/302/1/lang,de/

Protection against hackers, surveillance fears (only in German, 19.03.2009)
http://www.tagesschau.de/inland/ueberwachung/bsigesetz100.html

 

Извор: ЕДРИ-грам „Germany: Data retention is disproportionate“ бр. 7.6, 25 март, 2009.