И покрај фактот што германската влада одлучи да не го применува Законот за цензурирање на интернет (Zugangserschwerungsgesetz) предложен од страна на претходната влада во април 2009 година, германскиот претседател Хорст Келер на 17 февруари, 2010 г. го потпиша новиот закон.

Претседателот заклучи дека Законот за спречување на пристап не предизвикал какви било значителни проблеми во однос на компатибилноста со германскиот устав и дека бил наменет за борба против детската порнографија на интернет, овозможувајќи блокирање на навредливи веб-сајтови.

Ова е една деликатна ситуација за владата на која ќе и треба поддршка од опозицијата за повлекување на Законот. По силното и масовно противење на Законот од страна на интернет корисниците и групите за граѓански права, владината коалиција избрана во септември 2009 година одлучи да го одложи стапувањето во сила на Законот , и повеќе се фокусираше на отстранувањето на навредливи содржини од интернет, врз основа на постојните закони.

Владата се надеваше дека ќе има повеќе време за подготовка на уште еден Закон против детската порнографија со кој ќе се укине Законот за спречување на пристап.  „Набрзо ќе се воведат нови прописи кои повеќе соодветствуваат на принципот на бришење, отколку блокирање на пристап“, изјави министерот за правда, Сабине Лојтузер-Шнаренбергер, додавајќи дека владата е решена да не го применува законот.  Нејзината изјава беше поддржана од страна на Министерството за внатрешни работи.

Работната група за блокирање интернет и цензура (Censorship AK) побара укинување на законот во соопштение за печат и повика на спонтано демонстрирање на интернет активистите со иста цел.  Демонстрациите се одржаа на 17 февруари пред Палатата Белви.

Асоцијацијата Bitkom, која ја претставува германската индустрија за информатичка технологија, ја повика владата да ја разјасни ситуацијата и брзо да го укине новиот закон.  Портпаролот на германската Пиратска партија рече дека било „неверојатно“ што претседателот Келер потпишал законот да стапи во сила.

Опозициските партии ќе поднесат закон до Бундестагот – долниот дом на германскиот парламент, со цел укинување на новиот закон.

Извор: ЕДРИ-грам “Germany’s President signs an Internet bill against his own government” бр 8.4, 24 февруари, 2010.