Со законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер сериозно ќе се намалат можностите за злоупотреба во администрацијата и во спроведувањето на законите
Со законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер сериозно ќе се намалат можностите за злоупотреба во администрацијата и во спроведувањето на законите.
Со овој закон ќе се забрзаат и евроинтеграциските процеси бидејќи ќе се придонесе за владеењето на правото, борбата против корупцијата, демократичноста во владеењето и транспарентноста на институциите. Ова е оцената на Зоран Јачев, извршен директор на „Транспарентност Македонија“, еден од иницијаторите на законот.
Овој закон Собранието конечно ќе треба да го усвои во текот на првото тримесечје од годинава. И „Транспарентност Македонија“ и Министерството за правда оценуваат дека овој закон е од суштинско значење за владеењето на правото во една држава и за борбата против корупцијата.
Јачев вели смета дека колку помалку јавноста има информации за работата на администрацијата, толку е поголема можноста за злоупотреба. Истражувањето што го спровела „Про медиа“ во текот на минатата година, а со кое биле опфатени државни институции, локални органи, но и политички партии, покажало нивна голема затвореност во однос на давањето информации. Климе Бабунски од „Про медиа“ вели дека голема затвореност покажале политичките партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а со оглед дека владите што се формираат се партиски, политичката затвореност се пренесува и во институциите.
Законот, кој е во собраниска процедура, предвидува два вида овозможување пристап до информации – активен и пасивен. Активниот значи дека институцијата треба колку што е можно повеќе своите информации да ги објавува ги на веб-страници, во публикации, на редовни прес-конференции или преку изјави на соодветни лица. Пасивниот начин е кога граѓаните ќе бараат одредена информација, институцијата да има обврска да им ја обезбеди.
Со законот се дефинира што е информација, а се утврдува и имателот на информацијата, како што се министерствата, Собранието, судовите, агенциите и други државни органи. Во законот се вели дека информации треба да даваат не само оние што располагаат со буџетски средства, туку и оние што што вршат јавни овластувања. Информации може да побараат домашни и странски граѓани, физички и правни лица, и тоа писмено или усно.
Македонија е единствената земја во регионот што нема ваков закон.
Поради тоа што граѓаните имаат мало познавање на правото за слободен пристап до информации, „Транспарентност Македонија“ по донесувањето на законот ќе направи кампања во која ќе објасни кои се правата на граѓаните, кои се обврските на институциите и каква е процедурата за пристап до информациите.



