Во петокот, Google ги соопшти имињата на петте групи кои ќе поделат 10 милиони долари што интернет гигантот ги инвестира во идеи кои ветуваат промени во светот.
Повеќе од 150.000 идеи од 170 земји беа поднесени за проектот „Десет на стота“ започнат пред две години, соопшти во напис на блог потпретседателот за маркетинг на Google, Лорејн Тухил, наведувајќи ги резултатите од изборот.
Google избра 16 „големи идеи“, а јавноста имаше можност да гласа преку интернет и да ги одреди петте кои би биле поддржани од компанијата со седиште во Маунтин Вју, Калифорнија.
Непрофитната Кан академија ќе добие два милиони долари за да ја зајакне својата бесплатна онлајн библиотека од образовни видеа и да преведува значајни дела на најраспространетите јазици во светот.
Африканскиот институт за математички науки во Кејп Таун ќе добие два милиони долари за отворање на повеќе центри за промоција на додипломски студии од областа на математиката и науката на тој континент.
Непрофитната група FIRST којашто промовира наука и математички студии низ светот преку тимски натпреварувања, ќе добие три милиони долари за да стартува програма за роботика за студентите.
Google ќе додели два милиона долари на Public.Resource.Org за поддршка на иницијативата Law.Gov со којашто судските документи во САД, статутите, правните форми и други владини документи стануваат лесно достапни за секого на интернет.
Последната награда од еден милион долари и беше доделена на новата компанија Shweeb од Нов Зеланд за развивање и тестирање на транспортен систем базиран на лични едношински превозни средства со погон придвижуван на сличен начин како со педалите на велосипед.
„Потребно беше доста напор и време да избереме 5 проекти што ќе ги финансираме од дури 150.000 идеи што ги добивме, но возбудени сме од потенцијалот на идеите и проектите што ни помогнавте да ги избереме, и ве повикуваме да го следите напредокот на овие проекти“, изјави Тухил.
Извор: Physorg “Google puts 10 million dollars into world-changing ideas” 24 септември, 2010.