Google ќе отвори и веб продавница за апликации за оперативниот систем, и првично ќе се насочи кон корисниците на преносни компјутери.
Google планира да го издаде својот оперативен систем Chrome кон крајот на годинава, првично таргетирајќи ги корисниците на преносни компјутери, изјави раководителот на проектот во средата.
Оперативниот систем Chrome „ќе им биде достапен на корисниците од четвртото тромесечје годинава“ рече Сундар Пикаи, потпретседателот на Google за продукт менаџмент, за време на говорот на саемот за електроника Computex во Тајпеј.
Со соопштението се демантираат тврдењата дека оперативниот систем ќе се промовира во третото тромесечје, систем кој се очекува да му биде конкуренција на Windows 7 на Мајкрософт и други оперативни системи.
Истовремено ќе биде отворена веб продавницата за Chrome за луѓето да можат да преземаат веб апликации кои ќе можат да ги инсталираат на оперативниот систем Chrome, додаде тој.
„Со Chrome годинава ќе се фокусираме на преносните компјутери“, рече Пикаи на прес-конференција.
Компанијата го дизајнираше оперативниот систем Chrome за компактни уреди со екрани чувствителни на допир, тастатури и екрани од 10 до 12 инчи, изјави Пикаи, појаснувајќи дека сите уреди, вклучувајќи ги и нетбук компјутерите, кои одговараат на хардверските спецификации ќе можат лесно да добијат сертификација од Google.
Сертификацијата од страна на компанијата има за цел производителите на хардвер да создаваат квалитетни уреди за корисниците.
Првично, оперативниот систем Chrome ќе ограничува вршење на некои приспособувања, како што се приспособувањата на корисничките интерфејси кои ги планираат некои тајвански производители на преносни компјутери, но со тек на време ќе биде овозможен поголем степен на приспособување. „Значи, ДА за корисничките интерфејси, но во иднина“, изјави Пикаи.
Извор: NetworkWorld: “Google to release Chrome OS in fourth quarter” 2 јуни, 2010.



