Интернет гигантот Google Inc. изнесе шокантна закана дека ќе се повлече од Кина, најголемиот светски интернет пазар според бројот на корисници, откако хакери пристапија до е-поштите на активисти за човекови права.

Најавата на Google се случува во услови на растечки тензии меѓу Кина и САД околу интернет слободите, додека Државниот секретар на САД, Хилари Клинтон за следната недела најавува политика за технологии со која ќе им се помогне на граѓаните низ светот да имаат пристап до нецензуриран интернет.

Кина има над 350 милиони интернет сурфери и годишен приход од пребарувања од над 1 милијарда долари.

И покрај примамливоста, секој што има бизнис во Кина мора да се придржува до строгите кинески правила за цензурирање со кои се забранува дискусијата или прикажувањето страници со чувствителни теми, од тибетската независност до забранетото духовно движење Фалун Гонг.

Компаниите како Google и Microsoft, заедно со домашните гиганти Baidu и Sina, се придржуваат до овие правила, иако ниту една од компаниите не сака јавно да говори за нив.

Како најнов удар во Кина, Google соопшти дека открил софистициран напад на сметките за е-пошта на кинески активисти за човекови права кои го користат неговиот сервис за е-пошта Gmail, како и дека повеќе од 20 други компании биле нападнати на сличен начин.

„Овие напади и надзорот што се вршел со нив – во комбинација со обиди во текот на изминатата година за уште повеќе да се ограничи слободниот говор на интернет – нè доведоа до заклучок дека ние треба да ја разгледаме изводливоста на нашите бизнис операции во Кина“, изјави Дејвид Драмонд, Главниот правен службеник на Google, во соопштението на Google.

„Разбираме дека ова може да значи дека ќе треба да се затвори Google.cn, а можеби и нашите канцеларии во Кина“.

Кина е еден од ретките пазари каде што Google не е во водство, заостанувајќи зад пребарувачот Baidu кој има 60 проценти удел на кинескиот пазар за пребарување на интернет, наспроти 30-те проценти на Google.

Акциите на Google паднаа 1,3 отсто по затворањето на берзата и веста дека Google би можел да се повлече од Кина, додека акциите на Baidu скокнаа за 6,8 проценти. Акциите на Sina се зголемија за 1,3 проценти.

„Ова е дефинитивно големо изненадување и многу тажна вест за корисниците во Кина, бидејќи сега имаме помал избор“, изјави Едвард Ју, извршен директор на компанијата за истражувања Analysys од Пекинг.

„Од емоционален аспект, ова е негативно за странските играчи кои се обидуваат да се развиваат на кинескиот пазар, но од рационална гледна точка, останува да видиме дали Google навистина ќе се повлече“.

Извор: Livemint “Google may quit China over censorship” 13 јануари, 2010.