Американската влада од Google побара информации за корисници во 4.287 наврати во текот на првите шест месеци од 2010 година.
За време на истиот временски период владата на Обединетото Кралство поднесе повеќе од 1.000 такви барања. Ова се само два фрагменти од новиот Извештај за транспарентност на Google, збир од алатки кои имаат за цел да ги прикажат нивоата на цензура низ целиот свет.
Групите за граѓански слободи го поздравија овој чекор, но апелираа до Google да обезбеди уште повеќе детали за барањата. Во текот на годинава, Google објави информации околу тоа колку често земјите од светот бараат од Google да предаде податоци за корисници или да цензурира информации.
Новата мапа и алатки го отсликуваат токму тоа и им овозможуваат на корисниците да кликнат на одредена земја и да видат колку барања за цензура биле целосно или делумно исполнети, како и кои сервиси на Google биле погодени.
Во САД, на пример, имало седум судски налози за отстранување на содржина од YouTube од јули 2009г. до крајот на годината.
Исто така има и графикон за сообраќај каде се прикажани сервисите на Google низ светот и прекинувањето на интернет сообраќајот предизвикано од страна на владите со блокирање на пристапот до информации или, народски кажано, со „сечење на каблите“.
Скот Рубин, шефот за јавни политики на Google ја претстави алатката за BBC.
„Минатата година, по одржувањето на изборите во Иран пристапот до интернет беше прекинат и бевме сведоци на еден ненадеен пад во сообраќајот на YouTube“, изјави Рубин.
Групите за граѓански слободи соопштија дека алатката ќе биде бесценета за активистите решени да се борат против владината цензура низ светот.
„Мислам дека ова е одлична иницијатива и дека би било корисно доколку и други мрежи можат да го следат овој пример“, изјави Лилијан Едвардс, професор по интернет право на Универзитетот во Шефилд и член на одборот на Open Rights Group.
Според неа „ќе има засрамувачки податоци и тие ќе се разликуваат од земја до земја. Обединетото Кралство не е ниту најдобриот ниту најлошиот случај“. Исто така, би било корисно доколку има повеќе податоци за природата на барањата поднесени до Google.
„Ќе биде интересно да се види дали овие барања се поради клевета, надзор на интернет или пресретнување на податоци или пак барања од индустриите за содржини. Колку повеќе податоци имаме, толку повеќе тие податоци ќе бидат корисни за нас“, изјави таа.
„На пример, ќе биде интересно да се споредат податоците на Google со извештаите за надзор објавени од Обединетото Кралство“.
Извор: BBC News “Google releases censorship tools” 21 септември, 2010.