Организациите собрани во ад хок коалицијата „Фронт за слобода на изразувањето“ што се спротивставува на нетранспарентната постапка за донесување на Предлог-законот за утврдување на граѓанска одговорност за клевета и навреда побара, на денешната прес-конференција одржана во НВО Инфоцентарот во Скопје, побара целиот процес да се врати од почеток, за да се овозможи во процесот на изготвување на законот да се вклучат што е можно повеќе засегнати страни.

„Ние се фокусираме на тоа процесот да се врати на почеток. Да не влегуваме во материјална расправа туку да добиеме можност да влеземе во таква расправа, затоа што има многу засегнати страни во приказнава“, рече Билјана Бејкова од НВО Инфоцентарот.

Уранија Пировска, директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија истакна дека законот го опфаќа целото граѓанство и дека Собранието, со тоа што избегнало по првото читање на предлогот да организира јавна дискусија и да ги информира граѓаните, институциите, граѓанските организации, синдикатите и другите субјекти, го скусило просторот и можноста на граѓанските сектор да ги истакне своите коментари и забелешки.

„Сметаме дека ваквиот начин на постапување ќе има големи реперкусии, со оглед на тоа што станува збор за закон што директно ја тангира слободата на изразување“, рече Пировска .

Жарко Трајановски од Коалицијата за промоција и заштита на сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници истакна дека од целиот граѓански сектор, во подготовката на законот беше вклучено само Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), иако законот не ги засега само новинарите, туку сите граѓани.

„Носењето на вакви закони може да биде сериозен вовед – цензура веќе имаме – во нешто пострашно, во диктатура“, рече Трајановски и додаде дека анализите на граѓанските организации, спроведени во неколкуте недели од влегувањето на Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда и други закони што се однесуваат на слободата на изразувањето покажале дека нема да биде можно законскиот текст да се поправи со амандмански интервенции.

„Токму затоа ние протестираме и апелираме до политичарите да го вратат процесот назад и сериозно да го земат предвид учеството на граѓанските организации во овој процес. Исто така, ги предупредуваме сите политичари кои што ќе гласаат за овој закон дека утре ќе ги обвиниме дека се соучесници во воведувањето на цензура во Република Македонија“, рече Трајановски.

Роберто Беличанец од Центарот за развој на медиумите (ЦРМ) направи анализа на спорните одредби од Предлог-законот и листа на сите прекршувања на меѓународните стандарди за законодавството за клевета и навреда. (Анализата е достапна на интернет страната на ЦРМ – www.mdc.org.mk). Беличанец посочи на обидот таа група закони да се протурка и усвои во експресна процедура, без сериозна дебата, што резултира Предлог-законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда да има сериозни недостатоци. Беличанец, исто така, го обвини странскиот фактор за свој удел во приказната за нетранспарентноста на процесот.

„Имаме покривање на целата приказна со европска агенда и тука имаме фино европско соучесништво во приказната. Изговорите дека законот ги поминал експертизите не знам колку држат додека не ги видиме експертизите. Може да се најдете во ситуација да зборуваме за закон и за експертизи на Совет на Европа кои што никој жив не ги видел, освен актерите во процесот“, рече Беличанец и додаде дека се уште не е предоцна законот да се отвори за сериозна јавна расправа.

“Сите што во моментов седат во Собрание, ги повикуваме да го отворат процесот, да ги отворат комисиите за партиципација, сериозно да ги земат забелешките. Ако веќе интервенираат амандмански, ќе треба да интервенираат – барем според она што мојата организација го анализираше – во 20 од 35 члена колку што ги има законот. Повторно апелираме, да се запре приказната додека не е доцна, да се врати назад, затоа што месец дена разлика нема да променат ништо во Македонија во смисла на европските интеграции, меѓутоа можат да сменат многу во смисла на обезбедување на слободата на говорот“, рече Беличанец.

Џабир Дерала од Цивил – Центар за слобода, повтори дека процесот на носење на законот треба да се стопира и да се врати на почетокот, со учество на сите засегнати актери за, како што рече, да почне процесот на враќање на демократијата и владеењето на правото во земјата.

„Ваквиот начин на работа на властите со истовремено криење зад одредени европски агенди, е многу провидно. Во Македонија има доволно луѓе што размислуваат слободно и со своја глава“, рече Дерала.

Филип Стојановски од Фондацијата Метаморфозис се осврна на предложеното законско решение што воведува дополнителни одговорности што се однесуваат на комуникацијата преку интернет, односно одговорноста на провајдерите на интернет услуги за содржини објавени на интернет.

„Ако остане вака како што е, она што може да се претпостави како последица ќе биде затворање на можноста за јавна комуникација преку интернет, вебсајтови, форуми и слично, како превентивна мерка од фирмите што ќе бидат уплашени од можноста да бидат вовлечени во судски спорови за навреда и клевета. Доколку процесот ги вклучува сите чинители и е дел од она што граѓаните го имаат на располагање како јавна дебата, има повеќе шанси да се добие квалитетно решение. Во оваа ситуација, тоа не е случај“, рече Стојановски.

Уранија Пировска додаде дека денешната конференција за медиумите е само вовед во серија активности што ќе следуваат во текот на наредните денови, и додаде дека организациите присутни на конференцијата за печатот ќе формираат своевидна коалиција што ќе се бори за слободата на изразување во РМ.

Извор: НВО Инфоцентар „Граѓанските организации бараат враќање на процесот и јавна дебата за новиот закон за клевета“ 10 октомври, 2012.