Повеќе од 45 граѓански организации од САД и Европа, вклучувајќи ја и ЕДРи, бараат во предложениот трговски договор меѓу ЕУ и САД наречен Трансатлантски договор за слободна трговија (TAFTA) да нема одредби поврзани со патенти, авторски права, трговски марки или други форми на т.н. „интелектуална сопственост“.
Американскиот претседател Барак Обама, претседателот на Европскиот Совет Херман Ван Ромпуј и претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо на 13-ти февруари 2013 година го најавија официјалниот почеток на преговорите за Трансатлантскиот договор за слободна трговија (TAFTA), познат и како Трансатлантско партнерство за трговија и инвестиции (TTIP).
Граѓанските организации издадоа декларација (Интелектуална сопственост – надвор од TAFTA) во која инсистираат на тоа дека TAFTA не треба да содржи одредби за интелектуална сопственост и дека ЕУ и САД треба да ги објават текстовите од преговорите за трговскиот договор. Тие стравуваат дека TAFTA би можела да ги содржи одредбите за интелектуална сопственост кои беа дел од отфрлениот договор ACTA и сметаат дека таквите одредби би можеле негативно да влијаат врз правата на граѓаните на здравство, култура и слободно изразување.
„Трговските договори не се вистинскиот форум за дискутирање околу правата на интелектуална сопственост”, вели Анте Веселс, аналитичарот на FFII кој забележува дека „индустријата веќе сонува за поставување на златен стандард во област како што е заштитата на правата на интелектуална сопственост. Дали тоа ви звучи познато? Да, потсетува на ACTA, договорот кој беше отфрлен со огромно мнозинство во јули минатата година во Европскиот парламент. Од речиси секој аспект, ACTA беше драма без допир со реалноста на нашите општества“.
Декларацијата на граѓанското општество заклучува дека преговорите за TAFTA „не смеат да доведат до пишување на правилата за патенти и авторски права на начин кој не е во интерес на граѓаните“.
Извор: ЕДРИ-грам „Civil society wants no intellectual property provisions in TAFTA“ 27 март, 2013.



