Резултати од Повикот за предлог-проекти на Хакатонот за дигитална демократија

06.10.2025

Грантови

Повикот за предлог-проекти на Хакатонот за дигитална демократија генерираше силен интерес, при што беа примени вкупно 61 апликација од 11 различни земји (Албаниjа, Црна Гора, Северна Македонија, Косово, Молдавија, Украина, Казахстан, Киргистан, Грузија, Ерменија и Турција). Оваа ентузијастична реакција ја истакнува креативноста и мотивацијата на тимовите кои се желни да придонесат кон дигиталната демократија и иновациите.

Процесот на евалуација го спроведе комисија за селекција составена од претставници од Фондацијата Метаморфозис, Civic Literacy Initiative и независен надворешен евалуатор. Заедно, тие внимателно ја разгледаа, оценуваа и дискутираа секоја аликација за да обезбедат транспарентен и фер процес на селекција.

Повикот за предлози за хакатонот опфати пет различни сценарија: Поддршка за прекугранична проверка на факти; Подобри формати за социјалните медиуми; Комуникациска стратегија за дезинформациски напади; Генератор на идеи за актуелни теми и Насоки за планирање на кампањи и настани.

Вкупно пет извонредни идеи беа избрани како победнички. Овие идеи се истакнаа по својата оригиналност, изводливост и потенцијалното влијание во унапредувањето на дигиталните иновации и демократското учество.

Горди сме што ги објавуваме петте победнички тимови, чии проекти ќе продолжат да се развиваат и поддржуваат преку хакатонот, како и во фазата на доделување грантови и менторство. Нивната креативност и посветеност се вистинска инспирација, и со нетрпение очекуваме да го видиме позитивното влијание што ќе го донесат нивните идеи.

Armenian Progressive Youth NGO (Ерменија)

„Path2Action“ е чекор-по-чекор водич кој им помага на активисти и организатори на локално ниво брзо да ги претворат своите идеи во вистински настани. Тој води низ процесот на поставување цели, дефинирање на целна публика, избор на формат на настанот, временска рамка и распределба на улоги, притоа предлагајќи потенцијални партнери, нудејќи шаблон за буџет и контролна листа за логистика, како и автоматско генерирање на промотивни материјали на повеќе јазици. За помалку од 30 минути, корисниците добиваат јасен план, листа на задачи и споделиви ресурси за да започнат ефикасни и добро организирани акции.

Центар за едукација и развој –ЦЕД (Северна Македонија)

„CrossCheck Lite“ е поедноставена алатка со фокус на приватноста, која им помага на новинари и истражувачи брзо да верификуваат информации низ регионот. Корисниците можат да внесат тврдења или медиумски содржини, а алатката автоматски ги анализира и категоризира, при што за неколку секунди обезбедува релевантни извори и докази. Дизајнирана е да се интегрира лесно во постојните процеси во редакции, поддржувајќи брза верификација, документирање и соработка. Нејзината флексибилна структура овозможува лесно ажурирање и проширување, со што останува ефективна и при промени во информациските средини и потребите за верификација.

New Droni 2024 (Грузија)

„ActiVibe“ е мобилна апликација прилагодена за млади, која нуди приказни од кампањи и практични водичи. Апликацијата вклучува дел посветен на „Ненасилна отпорност“, со лекции од минати примери, како на пример: ерменската младина која користеше улична уметност за поттикнување дијалог, или грузиска кампања што не успеала, укажувајќи на грешки што треба да се избегнат. За само неколку минути, корисниците добиваат пристап до креативни тактики, контролна листа за безбедност и охрабрување преку искуства од врсници. Целта е да се овластат младите со реални примери, детални упатства и безбедни, креативни алатки што ја претвораат граѓанската фрустрација во конструктивен активизам.

Daily Humanity (Украина)

Алатката претставува интелигентен систем за дигитална проценка на ризици, базиран врз вештачка интелигенција, дизајниран да им помогне на организации од граѓанското општество и на независните медиуми да ги предвидат и одговорат на кампањите со омраза и дезинформации. Нејзината цел е да обезбеди рана детекција на непријателски наративи, проценка на ризик во реално време, поддршка за комуникација во кризни ситуации, обуки за издржливост и насоки по завршување на акцијата — со цел организациите да дејствуваат проактивно, наместо да импровизираат под притисок.

SBunker (Косово)

Предложениот „Комуникациски прирачник за напади со дезинформации“ е структуриран прирачник кој им помага на граѓанските организации и медиумите брзо и ефикасно да реагираат кога се цел на такви напади. Прирачникот нуди чекор-по-чекор упатства, однапред одобрени шаблони за пораки на повеќе јазици, пакети со докази и проверени информации, како и матрица на канали за приоретизирање на комуникацијата. Целта е нападите да се неутрализираат во реално време, додека паралелно се документираат порталите, профилите и мрежите на тролови за зајакнување на одбраната од идни кампањи.

Со поддршка на CIVICUS, а во партнерство со Civic Literacy Initiative, Фондацијата Метаморфозис го спроведува проектот Хакатон за дигитална демократија – што има за цел да поттикне развој на иновативни дигитални решенија за унапредување на демократијата и зајакнување на граѓанскиот сектор.