Конзорциумот од јавни администрации во единаесет земји-членки на ЕУ, Центрите за ИТ иновации и Универзитетот во Шефилд започнаа проект за подигнување на свеста за предностите на слободниот софтвер со отворен код.

Конзорциумот конкретно сака да им обезбеди насоки на администрациите што се помалку запознаени со овој вид на софтвер.

Проектот под наслов: „Употреба на софтверот со отворен код од страна на европските јавни администрации (Osepa), има за цел да „анализира, да го промовира знаењето и да ја поттикне свеста за главните придобивки и недостатоци и за исплатливоста како резултат на усвојувањето и употребата на слободниот софтвер со отворен код“.

Osepa е проект овозможен од Interreg IVC, која обезбедува финансиски средства за меѓурегионална соработка во Европа. Interreg IVC пак е финансирана од Европскиот фонд за регионален развој.

„Ние сакаме да ги идентификуваме и да помогнеме во развивањето на условите со кои се олеснува натамошното усвојување на слободен софтвер со отворен код од страна на Европската јавна администрација“, објасни портпаролката од Централниот сојуз на општини и заедници на Грција (Kedke), што го иницираше проектот Osepa. „Нашата цел е да се спроведе систематска дебата помеѓу Европските јавни администрации, поддржана со анализа и размена на искуства“.

Osepa очекува првата анкета за користењето на слободен софтвер со отворен код од страна на јавните администрации во дваесет земји-членки на ЕУ да заврши во 2011 година.

Соработка

Проектите Osepa и OSOR на Европската комисија ќе остваруваат соработка секаде каде што тоа е можно, велат претставници на двата проекти. Тука спаѓа соработка при настаните организирани во рамки на двата проекти и соработка преку размена на информации, вести и резултати од студиите.

Osepa планира да организира девет работилници и повеќе студиски посети. Нивната цел е да се обезбеди дека јавните администрации може да разменуваат искуства од примената на софтверот со отворен код. Второ, Osepa сака да ги користи овие средби за да ги анализира и спореди политиките за софтвер со отворен код. Osepa се надева дека студијата ќе придонесе за дебатата за политики за софтвер со отворен код.

Конзорциумот, исто така, ќе организира две европски конференции, чија цел е да се истражи стратешкото влијание на употребата на софтвер со отворен код и да ги презентира резултатите од проектот. Првата од овие две конференции се одржа на 1 и 2 декември во Бадахос, Шпанија. Втората конференција ќе се одржи во Џихлава (Чешка Република), во почетокот на 2012 година.

Извор: OSOR.eu “EU group to map advantages of public administrations using open source” 14 декември, 2010.